На гласачките ливчиња ќе останат имињата на кандидатите од Могила и Македонски Брод кои се повлекоа пред вториот круг

Макфакс

25/10/2025

16:35

425

Големина на фонт

а а а

Независните кандидати од Могила и Македонски Брод, Сашо Пивковски и Милосим Војнески се повлекоа од изборната трка, но нивните имиња ќе останат на гласачките ливчиња во вториот изборен круг на 2 ноември.

ДИК појаснува дека законот не препознава откажување на кандидатурата, откако таа е веќе потврдена од изборните органи, што нема да го сопре гласањето.

Пивковски вчера ја образложи одлуката на социјалните мрежи, кадешто напиша дека ја донел по внимателно размислување и бројни разговори во интерес на заедништвото, наместо поделбите.

„ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член, секогаш сум се водел од идејата за чест, за работа и за почит кон луѓето. Така било и ќе остане“, напиша тој.

Од лојалност кон ВМРО-ДПМНЕ, како негова матична партија, еден ден претходно и Војнески се откажа од кандидатирата во Македонски Брод.

„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес. Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.

Пивковски во вториот круг требаше да се соочи со Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу нив во првиот круг од локалните избори беше 409 гласа во корист на Саботковски. Во Македонски брод, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески водеше за 834 гласа пред независниот Војнески кој ја напушти изборната трка.