Руски напад врз Киев

Макфакс

25/10/2025

10:03

509

Големина на фонт

а а а

Русија синоќа изврши напад врз Киев, во кој најмалку едно лице беше убиено, а десет беа повредени. Главниот град на Украина повторно беше цел на балистички ракети и беспилотни летала, што предизвика експлозии и пожари, пишува „Киев Индепендент“.

Според неофицијални информации, целите на руските напади биле термоелектрани лоцирани во Киев и неговата околина.

Според извештаите на новинарите на терен, експлозиите одекнале низ Киев непосредно пред 4 часот наутро по локално време. Тимур Ткаченко, началник на Воената администрација на градот Киев, го потврди нападот. По ударот, избувнале неколку пожари на неколку локации на левиот брег на градот, односно во делот на Киев источно од реката Днепар.

Градоначалникот Виталиј Кличко извести дека противпожарните екипи веднаш биле испратени во областите Дарнички и Десњански, каде што се регистрирани големи пожари во нестанбени згради. Во областа Дњепар, ударот оштетил прозорци и возила. Градинка во истиот округ била исто така оштетена.

Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија лансирала девет балистички ракети „Искандер-М“ од Ростовската и Курската област, заедно со 62 дронови за напад „Шахед“.

Противвоздушната одбрана успеала да пресретне 50 дронови и четири ракети. Сепак, пет ракети и 12 дронови ги погодиле своите цели на четири различни локации.

Во последните недели, Русија ги засили нападите врз енергетската мрежа пред зимата, принудувајќи ја Украина да воведе ограничувања на електричната енергија. Градоначалникот Кличко предупреди завчера дека Киев се подготвува за најпредизвикувачката зима од почетокот на војната.