Во година кога Макфест го одбележува своето јубилејно 40-то издание, една мелодија се издвои како симбол на искреноста и женската емоција. Песната „Жена“ на Антониа Гиговска е прогласена за најслушана меѓу двата фестивала, објави денеска Јован Јованов, креативниот директор на Макфест.
Фестивалот започна синоќа, а вечерва, на втората фестивалска вечер (24 октомври), Антониа ќе настапи и ќе ја прими наградата за најслушана песна, признание што ја потврдува нејзината моќ да ја допре публиката со искрена емоција.
Со повеќе од еден милион прегледи на Јутјуб, „Жена“ стана современа химна на чувствителноста – песна што зборува за љубов, страв, доверба и сила.
Во неа, Антониа пее:
„Биди тој, што вети ти ќе бидеш,
биди тој, совест да не ме гризе,
ти биди тој, биди тој – мирот мој…“.
Овие стихови се повик за искреност и лојалност, но и исповед на една жена што сака со целото срце, без маски и услови. Во рефренот, „Сруши ме, сруши како домино…“, љубовта се опишува како судир на страста и болката, како пад што може да боли, но и да ослободи. А потоа следи тивко прифаќање, нежно и длабоко човечко:
„само биди мој свет ти, ајде
само биди ти мој сон ти, ајде
мое небо, моја земја
и кога никој нема“.
Во овие редови живее една цела филозофија на љубовта – љубов што не сака совршенство, туку присуство.
„Жена“ ја потпишуваат Лазар Цветкоски (музика, аранжман и продукција) и Магдалена Ена (текст заедно со Цветкоски), а песната е снимена во Studio LCV. Бек-вокалите ги изведува самата Антониа Гиговска, додавајќи личен печат на секој стих.
Со својот препознатлив глас и искрена емоција, Гиговска создаде песна што се слуша со срце. Таа нежно, но храбро ја претвора ранливоста во сила и покажува дека современата македонска музика има лице – женско, чувствително и достоинствено.
Фестивалот Макфест, кој ќе трае до 25 октомври, и годинава останува најзначајната сцена на македонската забавна песна. Во своето јубилејно издание, тој не само што слави традиција, туку и ја признава моќта на новиот бран уметници кои ја носат музиката со душа.
А меѓу тие гласови, гласот на Антониа Гиговска одекнува најјасно - како потсетник дека вистинската песна не старее, таа живее во секое срце што се препозналo во зборовите:
„Право машко знае како треба, да се сака една ЖЕНА“.
Автор: Ц.Н.









