Лабудовиќ: За секој ученик во центар субвенција за таблет или лаптоп

Макфакс

23/10/2025

13:29

135

Големина на фонт

а а а

Кандидатот за градоначалник на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, ја најави новата мерка што ќе биде дел од неговата програма за дигиталната писменост како поддршка на младите – субвенции за таблети и лаптопи за сите ученици од петто одделение во општина Центар.

„Денес дигиталната писменост е исто толку важна колку и учебникот. Ако сакаме децата да бидат во чекор со времето, мора да им овозможиме еднаков пристап до современи алатки за учење. Затоа, воведуваме мерка со која секое дете ќе добие поддршка од 3.000 денари за таблет или 6.000 денари за лаптоп. Ова е конкретна помош за родителите, но и вистински чекор кон модерно, рамноправно и достапно образование за сите,“ изјави Лабудовиќ.

Според него, оваа мерка не е само финансиска поддршка, туку инвестиција во знаење, иднина и еднакви шанси за сите ученици. Со неа, Општина Центар ќе стане пример за тоа како една локална самоуправа може да придонесе за поголемо ниво на дигитална писменост и поддршка на младите генерации.

„Сакаме децата во Центар да имаат исти услови за учење – без разлика на тоа од какво семејство доаѓаат. Сакаме сите да имаат еднаква можност да учат, да истражуваат и да се надградуваат. Затоа што секое дете заслужува поддршка, а секој родител заслужува сигурност дека неговото дете има фер старт во животот,“ истакна Лабудовиќ.

Оваа мерка е дел од пошироката визија за модерна, дигитална и напредна општина, која вложува во младите како највреден капитал на општеството.

„Образованието е највредната инвестиција што можеме да ја направиме – затоа што вложувајќи во нив, вложуваме во нашата иднина. Центар ќе биде општина што ги отвора

вратите кон дигиталниот свет, општина која стои зад секое дете со конкретна поддршка, визија и верба дека секој ученик може да успее,“ додаде Лабудовиќ.

Со оваа иницијатива, Центар ќе направи уште еден голем чекор напред кон еднакво, достапно и современо образование, подготвувајќи ги најмладите за предизвиците на новото време.