Роки Балбоа се враќа на големото платно, но овој пат без Силвестер Сталоне.
„Amazon MGM“ ја објави првата фотографија од актерот Ентони Иполито, познат по серијата „The Offer“, во улога на млад Сталоне во новиот филм „I Play Rocky“.
Станува збор за биографска драма која ја раскажува вистинската приказна за настанокот на легендарниот филм „Роки“ од 1976 година, пишува „variety.com“.
Приказна за создавањето на филмска легенда
„Филмот ја раскажува вистинската приказна за Силвестер Сталоне и неговото непоколебливо верување дека не само што бил предодреден да го напише Роки, туку и да биде Роки Балбоа“, пишува во официјалниот опис на филмот објавен на Инстаграм.
Пред да стане глобална акциона ѕвезда, Сталоне бил 29-годишен актер кој се борел за своето место во Холивуд. И покрај неговото делумно парализирано лице и говорна маана, тој верувал дека може да го отелотвори ликот што самиот го напишал. Откако одбил неколку профитабилни понуди од студија кои сакале да го купат сценариото без него, Сталоне на крајот успеал да го сними филмот за помалку од 1 милион долари.
Тој ризик стана филмска историја, а Роки стана најголемиот кино хит во 1976 година и ја освои наградата Оскар за најдобар филм. Приказната за аутсајдер кој се издига од ништо се претвори во универзален симбол на упорност, а франшизата подоцна создаде повеќе продолженија и популарниот спин-оф „Creed“.
Новиот филм „I Play Rocky“ моментално е во продукција, а режисер е Питер Фарели, познат по филмот „Green Book“, награден со Оскар. Покрај Ентони Иполито како Сталоне, во филмот глумат и Стефан Џејмс како Карл Ведерс, легендарниот Аполо Крид.
Актерската екипа ја сочинуваат и: АнаСофија Роб, Мет Дилон, П.Џ. Бирн, Трејси Летс и Џеј Дуплас.
Сценариото го потпишува Питер Гембл, а продукцијата ја водат Фарели, поранешниот шеф на „Ворнер Брос“ Тоби Емерих и Кристијан Баха. Бах беше тој што рече кога го најави филмот 2024: „Приказната е единствена како и самиот Силвестер Сталоне – обичен човек со извонредна дарба кој одби да прифати „не“ како одговор“.
Инаку „Роки“ е спортска драма за скромен боксер од Филаделфија, Роки Балбоа, кој добива неочекувана можност да се бори за светската титула во тешка категорија.
Иако сите го сметаат за аутсајдер, Роки неуморно тренира и покажува неверојатна сила, упорност и срце во рингот. Филмот ја прикажува неговата борба не само против своите противници, туку и против сопствените ограничувања и сомнежи.