Поранешниот француски претседател Никола Саркози денес почна со издржување на петгодишната затворска казна, станувајќи првиот француски лидер кој завршил зад решетки по Втората светска војна.
Тој беше осуден за заговор за финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година со пари од поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи.
LIVE 🔴 🇫🇷 Former French president Nicolas #Sarkozy is set to go behind bars on Tuesday, starting a five-year sentence for conspiring to raise funds for his 2007 presidential campaign from Libyan dictator Muammar Gaddafi 📺 https://t.co/SYhvueLcnk
— FRANCE 24 English (@France24_en) October 21, 2025
Пред заминувањето во затворот Ла Санте во Париз, Никола бил во придружба на неговата сопруга Карла Бруни. Тие се држеле за раце, се прегрнувале и се бакнувале пред тој да влезе во полициско возило кое го однело во затвор.
Стотици поддржувачи на Саркози скандирале „Никола, Никола“ и ја пееле француската химна додека утрово излегувал од својот дом и влегол во полициско возило.
На собирот се појавиле и синовите на Саркози, Жан, Пјер, Луј и ќерката Џулија, како и неговите внуци.
Саркози се оженил со Бруни – неговата трета сопруга – по бурна романса на почетокот од неговиот претседателски мандат во 2008 година, само неколку месеци по јавната разделба од неговата втора сопруга, Сесилија. Никола и Карла имаат ќерка заедно, додека тој има три сина од претходните бракови.
Живот зад решетки
Саркози се соочува со пет години затвор во ќелија од 9 до 12 квадратни метри, една осамена прошетка дневно и живот без личен мобилен телефон. Последниот поранешен француски лидер кој бил затворен бил нацистичкиот соработник Филип Петен, осуден за предавство во 1945 година.
„Невин човек се затвора“
На пат кон затворот, Саркози во изјава објавена на социјалните мрежи порача дека „невин човек е затворен“. Неговите адвокати потврдија дека веднаш било поднесено барање за негово ослободување.