Овој народ не знае за зборот „војна“: Во центарот на заедницата се наоѓаат жените кои го одржуваат мирот и решително отфрлаат секаков облик на насилство

Точка

21/10/2025

15:24

871

Големина на фонт

а а а

Во свет обележан со конфликти, граници и поделби, постојат заедници кои успеале да изградат општества засновани на хармонија, компромис и меѓусебна почит.

На западните падини на индонезискиот остров Суматра живее еден од најфасцинантните народи на југоисточна Азија, познат како Минангкабау. Нивната култура, општествена структура и секојдневен живот со векови се обликувани од вредности кои мирот и заедништвото ги ставаат во центарот на сè.

Матрилинеарно општество во срцето на Индонезија

Народот Минангкабау е единствен по тоа што негува матрилинеарно наследување, што е реткост во денешниот свет, особено во претежно патријархалните муслимански заедници на југоисточна Азија.

Во ова општество, имотот и семејната лоза се пренесуваат од мајка на ќерка, додека мажите имаат важна улога како советници и заштитници, но не се формални наследници.


Жените се столбот на заедницата. Тие ги наследуваат семејните куќи, управуваат со земјата и имаат силно влијание во носењето одлуки.

Мажите, од друга страна, често го напуштаат селото во потрага по образование или работа, што создало култура на дијаспора позната како „мерантау“ – преку која Минангкабау народот ги пренесува своите вредности и идентитет далеку надвор од родната Суматра.

Култура на мир вкоренета во верата и традицијата

За разлика од многу општества кои своето минато го бележат со војни и освојувања, Минангкабау се издвојуваат со култура во која мирот е длабоко вкоренет во секојдневниот живот.

Наместо конфликти, во срцето на нивната традиција стои колективно одлучување и отворен дијалог. Кога ќе дојде до несогласувања, заедницата се собира на совети на старешини, каде што претставници на семејствата и клановите преку разговор бараат решенија.

Целта не е една страна да победи, туку да се најде хармонија што ќе го зачува единството и стабилноста на целата заедница.


Ваквиот пристап е длабоко вкоренет во спојот на исламските начела и „адат“ обичајното право, кое постоело пред доаѓањето на исламот. Токму таа комбинација на религиски и традиционални вредности му овозможила на општеството да ја зачува кохезијата и стабилноста низ вековите на промени и надворешни влијанија.

Падри војната како момент на преиспитување на традицијата, верата и односот кон колонијалната власт

Иако често се романтизира идејата за народ кој „не познава војна“, историјата на Минангкабау сепак не била целосно лишена од конфликти. Во текот на 19 век се случила Падри војната (1803–1837), конфликт меѓу исламските реформатори и традиционалните водачи, во кој се вмешале и холандските колонијални сили. Тој период бил едно од ретките времиња на отворени вооружени судири во историјата на Минангкабау.

И покрај тоа, заедницата успеала да ја обнови рамнотежата и да ги зачува своите вредности, што дополнително говори за силата на нивниот општествен модел. Денес Падри војната се гледа не само како судир, туку и како клучен момент во кој Минангкабауите го преиспитале односот помеѓу верата, традицијата и колонијалната власт.

Куќи со кровови како рогови на биволи и легендата за победата на мудроста над насилството


Културата на Минангкабау е препознатлива и по својата архитектура. Традиционалните куќи, познати како „румах гадаг“, имаат впечатливи кровови чиј врв се издига како рогови на биволи, симболи на сила, мудрост и заедништво. Името „Минангкабау“ често се преведува како „победа на биволот“ и е поврзано со легендата во која локален бивол го победил биволот од соседното кралство без пролевање крв, што симболизира победа на мудроста над насилството.

Заедница која, и покрај глобализацијата, ги чува своите корени и пренесува вредностите на мирот низ генерации

Денес околу 5,5 милиони Минангкабау живеат на западна Суматра, а милиони други во дијаспора низ Индонезија и Малезија. И покрај глобализацијата, многу од нив сè уште одржуваат силна врска со своите родни села и традиционални институции. Нивната култура на мир и компромис не е само фолклорен остатоци од минатото, туку и понатаму ја обликува секојдневниот живот, семејните односи и заедничкото донесување одлуки.