Хили: Од крајот на Втората светска војна, европската безбедност не била во ваков ризик од конфликт

Макфакс

21/10/2025

08:45

184

Големина на фонт

а а а

Велика Британија е подготвена да потроши „значително повеќе“ од 100 милиони фунти (115 милиони евра) за евентуално распоредување на британски сили во Украина доколку Доналд Трамп обезбеди мировен договор со Русија, изјави министерот за одбрана Џон Хили, како што објави Скај њуз.

Тој, исто така, нагласи дека Владимир Путин ја смета Велика Британија за свој „непријател број еден“ поради нејзината силна поддршка за Украина.

Во својот говор во лондонската зграда „Меншн Хаус“, Хили предупреди дека светот влегува во „нова ера на закани“, истакнувајќи дека ризикот од поширок конфликт во Европа не бил поголем од крајот на Втората светска војна.

Хили ја истакна поддршката на Велика Британија за Украина, вклучително и рекордни 4,5 милијарди фунти (5,18 милијарди евра) помош оваа година.

„Затоа претседателот (Володимир) Зеленски го нарекува Обединетото Кралство свој најблизок сојузник и затоа Путин ја рангира Велика Британија како свој непријател број еден“, рече тој.

Тој предупреди дека, и покрај растот на руската агресија, „Велика Британија и нашите сојузници во НАТО се пообединети и посилни“.

„Ова е – без сомнение – нова ера на закана. Светот е понестабилен, понесигурен, поопасен. Од крајот на Втората светска војна, европската безбедност не била во таков ризик од конфликт меѓу државите“, рече Хили за безбедносната ситуација во Европа.

Тој нагласи дека ова бара „нова ера за одбрана“. „Ова сега е ера за тврда моќ, силни сојузи и безбедна дипломатија“, додаде тој. Плановите за новата ера вклучуваат зголемување на трошоците за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.