ВМРО-ДПМНЕ доби 32 градоначалници во прв круг, Влен зад нив со победа во пет општини

Макфакс

20/10/2025

10:19

1.862

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини, покажуваат утрово податоците објавени на страната на Државната изборна комисија, според избројни 99 отсто од гласовите.

Според резултатите, кандидатите на партијата победија во општините Битола, Велес, Струмица, Штип, Охрид, Прилеп, Делчево, Радовиш, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Илинден, Кавадарци, Вевчани, Свети Николе, Новаци, Берово, Бутел, Петровец, Василево, Карбинци, Зелениково, Кратово, Градско, Демир Хисар, Пехчево, Ново Село, Сопиште, Ресен, Јегуновце, Гевгелија и Босилово.

Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце.



СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.


Изборите не успеаја во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше – поради недоволен одѕив на гласачите.

ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство и во Скопје, но градончалник ќе биде избран во вториот круг. Тука силите ќе ги соочат Орце Ѓеорѓиевски и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.