Димитриевски објави убедливо водство во Куманово, советничката листа на ЗНАМ во овој град со извојувана победа

Макфакс

19/10/2025

23:49

348

Големина на фонт

а а а

Избори според скандинавски модел, ваква е оценката на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски за денешниот изборен ден.

Овој пат како што рече ниту во Куманово, ниту во Македонија не се забележува како кандидатите за градоначалници ги бркаат полициски тимови или дополнително се врши притисок на сите нив.

„Според 80% обработени податоци во нашиот аналитички центар, јас како кандидат водам убедливо во однос на сите останати шест кандидати, или за споредба, колку имаат вкупно гласови останатите шест кандидати толку јас како кандидат на ЗНАМ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ имам добиено гласови. Дали ќе имаме втор круг или не, во овој момент не можам да ви кажам бидејќи сите податоци не се обработени. Но и да има втор круг, ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, бидејќи повеќе од јасна е желбата на граѓаните и дека препознаваат континуитет и развој на овој град и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух“, рече Димитриевски.

Листата на кандидати за советници на ЗНАМ во општина Куманово, според него, извојува победа и доби најголем број на гласови.

„Веднаш зад нас е и листата на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе од јасно е дека мнозинството во Советот ќе го сочинуваат овие две листи и веројатно останатите поранешни партнери во локалната власт“.