Орбан и Путин разговарале за можниот самит со Трамп во Будимпешта

Макфакс

17/10/2025

19:30

129

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за планираниот состанок меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, соопшти Кремљ. Според соопштението, иницијативата за разговорот дошла од унгарската страна.

„Орбан ја изрази подготвеноста да помогне во организирањето на можниот руско-американски самит во Будимпешта“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Путин го информирал Орбан за неговиот неодамнешен телефонски разговор со Трамп и изјавил дека планираниот состанок ќе го искористи за дискусија околу „алгоритамот на понатамошни чекори“ со цел пронаоѓање начин за завршување на војната во Украина.

По разговорот, Орбан на социјалните мрежи напиша дека „подготовките се во полн ек“, очигледно алудирајќи на можниот самит во унгарската престолнина.

Трамп и Путин разговарале вчера, првпат по речиси два месеца. Американскиот претседател потоа најави дека планира состанок со рускиот лидер во Будимпешта — што би билa првa неговa посетa на главен град на земја членка на ЕУ од почетокот на инвазијата врз Украина.

Трамп изјави дека Путин не ја поддржува идејата САД да ѝ испорачаат на Украина ракети „Томахaвк“ и додаде дека „можеби сега не е совршен момент“ за воведување дополнителни санкции насочени кон руските енергетски приходи.