Барселона води интензивни преговори со Влаховиќ

Макфакс

17/10/2025

10:27

122

Големина на фонт

а а а

Душан Влаховиќ (25), напаѓач на Јувентус и српската репрезентација и најскапиот фудбалер во историјата на таа земја, би можел да се пресели во Барселона во јануари.

Италијанските и шпанските медиуми пишуваат дека преговорите меѓу актуелниот шампион на Шпанија и централниот напаѓач на Јуве започнале во летниот преоден рок, но разговорите меѓу спортскиот директор на Барса, Деко, и менаџерот на Влаховиќ, Дарко Ристиќ, се интензивирале во последно време.

Истите извори додаваат дека се очекува преговорите да станат уште поконкретни до јануари. Причината за ова е што договорот на Влаховиќ со Јувентус истекува на лето.

Планот на Деко е да го донесе наредното лето без обесштетување, но доколку постои шанса да го добие напаѓачот по дисконтна цена во јануари, тогаш во игра е и таа опција.

Влаховиќ е интересен за Барселона од две причини. Поради тешката финансиска ситуација бара напаѓач за кого ќе плати минимално или никакво обештетување. Исто така, клубот мора да најде напаѓач бидејќи договорот на Роберт Левандовски исто така истекува на лето, а тој има 37 години и штотуку претрпе сериозна повреда.

Затоа Барса го гледа Влаховиќ, кој е 12 години помлад и лесно достапен, како совршена замена за полската легенда.

Покрај тоа, Влаховиќ веќе некое време сака да го напушти Јувентус. Јувентус го донесе од Фиорентина во јануари 2022 година со надомест од 83,5 милиони евра, што го прави најскапиот српски фудбалер на сите времиња. Оттогаш, Влаховиќ постигна 62 гола и на 153 натпревари за Јувентус.