Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Макфакс

16/10/2025

15:39

144

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.

– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.

За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.

-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.