Импресивни откритија на неолитската населба Влахо во Пелагонија

Макфакс

16/10/2025

14:50

254

Големина на фонт

а а а

Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола ги завршија теренските истражувања на археолошкиот локалитет Влахо во Пелагонија, еден од најстарите неолитски локалитети во регионот и во Европа.

Истражувањето во западниот дел на населбата покажало дека ранонеолитските културни слоеви достигнуваат висина од 2,7 метри, што укажува на долготрајно и динамично живеење во периодот меѓу 6400 и 6000 година пред нашата ера. Во околу 70 стратиграфски слоеви биле откриени остатоци од 16 градби, земуници, огништа, печки, како и бројни предмети – садови, алатки, мелници и животински коски.

Посебно значење имаат добро сочуваните дрвени остатоци во најстарите слоеви, кои може да претставуваат едни од најстарите неолитски дрвени предмети откриени во Европа.

Во следната фаза ќе се спроведат радиокарбонски, археоботанички, зооархеолошки и дендрохронолошки анализи. Проектот е резултат на меѓународна соработка меѓу институции од Македонија, Германија, Србија и Швајцарија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт.