Црвен крст: Враќањето на телата на заложниците од Газа може да потрае со недели

Макфакс

14/10/2025

14:51

179

Големина на фонт

а а а

Предавањето на телата на мртвите заложници од Појасот Газа може да потрае со денови или недели, соопшти денес Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

„Со оглед на уништувањето на зградите и инфраструктурата во крајбрежната енклава, понекогаш е тешко да се лоцираат останките“, изјави денес во Женева портпаролот на МКЦК, Кристијан Кардон.

„Постојат јасни индикации дека ова може да потрае значително подолго поради тешкотијата во потрагата по останките во Газа што може да бидат под урнатините“, објасни Кардон.

Можноста некои тела никогаш да не бидат пронајдени не може да се исклучи, истакнува агенцијата ДПА.

МКЦК во сите дискусии нагласи колку е важно враќањето на останките за семејствата на жртвите, како и за евентуално помирување по завршувањето на војната.

Црвениот крст не знае однапред кога и каде ќе му бидат предадени телата во Појасот Газа. Како што беше случајот вчера, информациите за ова често пристигнуваат во последен момент. Хуманитарната организација не е вклучена во потрагата по безживотни тела.

Хамас вчера преку МКЦК му ги предаде телата на четворица од 28-те мртви заложници на Израел. Во Израел расте гневот и фрустрацијата поради предавањето само на неколку тела, за кои армијата денес соопшти дека се идентификувани.