Јавноста утрово се разбуди со веста што ја облеа Македонија во тага – почина Владимир Блажев, Панчо, познатиот музичар од дуото ДНК.
Панчо беше симбол на позитивна енергија, талент и искрена човечност. Неговата смрт, по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде што стана 63-та жртва на трагедијата, ја продлабочи болката што сè уште ја чувствува целата земја.
Во мигови на неверување и тага, со емотивна објава се огласија родителите на загинатите млади од трагедијата во „Пулс“, обединети во Здружение на граѓани 16-ти март 2025.
Ова здружение беше оформено токму по настанот што засекогаш го промени Кочани – на 16 март 2025 година, кога пожарот во дискотеката „Пулс“ одзеде десетици животи. Родителите ги здружија своите сили, болка и љубов за да се борат за вистината, одговорноста и правдата, но и за да си дадат меѓусебна поддршка во најтешката човечка борба – губењето на дете.
Во својата објава, тие ја споделија длабоката тага за смртта на Панчо, пишувајќи:
„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев – Панчо. Бог да ви дава сила. Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев, Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63-та жртва од пожарот во дискотеката ‘Пулс’. Млад човек со сонувања, со музика и со енергија што допираше срца, сега замина предвреме, оставајќи празнина која не може да се пополни“.
Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев Панчо, Бог да Ви дава сила🙏🙏🙏
Со длабока тага и солзи...
Posted by Здружение на граѓани 16ти Март 2025 on Вторник, 14 октомври 2025
Родителите на загинатите додаваат дека болката на семејството на Панчо ја чувствуваат како своја:
„Како родители кои ја почувствувавме најголемата болка од губење на нашите деца, ја знаеме бездната на тага што останува зад себе. Вашата болка е наша болка. Вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој нем збор, секој празен момент што го остава оваа трагедија“.
Со зборови кои ја креваат свеста и бараат правда, тие потсетуваат дека зад секој број стои човечка судбина:
„Ова не е само број – ова е живот одземен, живот што носеше радост и надеж. Колку уште срца ќе бидат скршени, директно или индиректно? Колку уште семејства ќе бидат погодени од оваа ужасна трагедија? Правдата мора да се извојува! За Панчо, за секоја жртва, за секој млад живот што беше одземен, за секој родител што плаче“.
Во завршницата на пораката, родителите испраќаат поздрав до Панчо, уште еден ангел што замина на подобро место.
„Почивај во мир, Панчо. Нека ти е светол патот до Царството Небесно. Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“.
Денес, Македонија тагува за уште еден млад живот што згасна прерано.
Но заедно со тагата, се слуша и гласот на родителите кои не се откажуваат – глас што вели дека љубовта и правдата мора да победат.
Автор: Ц.Н.