Флоријан Вирц е еден од најголемите германски таленти, играч кој заедно со Џамал Мусиала треба да бидат лидери на новата генерација.
Меѓутоа доскорешниот фудбалер на Баер Леверкузен се мачи во првите месеци како член на Ливерпул, нема запишано ниту асистенција, ниту погодок во ниту едно натпреварување, статистика која е поразителна и која дефинитивно му донесе критики. Многумина очекуваа далеку подобар старт од него, далеку позначајна улога во новата средина, но по се изгледа премиерлигашот ќе мора да почека за да го види најдоброто од офанзивецот за кого издвои над 100 милиони евра.
За разлика од Англија, Флоријан доби поддршка од татковината од селекторот Нагелсман, потоа Јирген Клоп, а својот став на оваа тема го даде и Илкај Гундоган кој добро знае што значи таа транзиција од Англија-Германија, преселба од Бундеслигата во Премиер лигата.
- Со високата цена на трансферот за Фло, некако беше јасно дека работите можат многу брзо да станат гласни во Англија – за жал, така денеска функционира бизнисот. Не е вина на Фло што чинеше толку многу. Сепак, разбирливо е што луѓето очекуваат многу од него. Сепак, прочитав дека во сите натпреварувања, ниту еден играч од Премиер лигата не создал повеќе шанси од него.
- Би сакал да видам малку подлабока анализа овде – а не само да се фокусирам на голите асистенции и голови. Секој што не го гледа извонредниот квалитет на Фло, навистина не се разбира многу од фудбалот. Да се нарече веќе трансфер промашување е целосно преувеличено.
- Сигурен сум дека головите и асистенциите ќе дојдат многу наскоро – ако не во октомври, тогаш од ноември па натаму. Ниеден играч или личност на овој свет не може целосно да блокира толку многу бучава; таа секогаш има свој данок. Сепак, верувам дека Фло, како човечко суштество, и со оглед на неговиот огромен талент, ќе ја помине оваа фаза. Тоа би било исклучително важно и за германската репрезентација. Лично, немам многу сомнежи и го гледам тоа само како прашање на време, - порача Илкај за „Билд“.