„BMW“ и „Toyota“ беа во право? Другите ја плаќаат цената на трката по електрични автомобили

Точка

09/10/2025

17:01

1.523

Големина на фонт

а а а

Два автомобилски гиганта денес профитираат токму затоа што не се откажаа целосно од моторите со внатрешно согорување.

Додека многу производители на автомобили пред неколку години најавија крај за бензинците и дизелите и целосен премин кон електрични возила, „BMW“ и „Toyota“ останаа доследни на својата стратегија – и сега им се исплати.

Брендови како „Volvo“, „Audi“ и „Ford“ ветуваа дека до крајот на деценијата ќе продаваат само електрични автомобили. Сепак, голем дел од тие планови денес се одложени или напуштени, бидејќи побарувачката за електрични модели не расте со очекуваното темпо.

За разлика од нив, „BMW“ и „Toyota“ останаа верни на концептот „повеќе избор за купувачите“.


„BMW“: од бензин до водород

„BMW“ и натаму нуди бензински, дизел, хибридни и електрични модели, а веќе во 2028 година планира да претстави водороден автомобил развиен во партнерство со „Toyota“.

Главниот извршен директор на компанијата, Оливер Ципсе, повеќепати ја критикуваше одлуката на Европската унија да забрани продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, предупредувајќи дека таквата политика може да загрози работни места и слободата на избор на потрошувачите, пренесува порталот „Motor1“.


„Toyota“: пионерот на хибридите оди чекор понатаму

Од своја страна, „Toyota“ продолжува да развива нови бензински и хибридни мотори, како и горива со јаглеродно неутрален состав.

Покрај серискиот автомобил на водородни горивни ќелии – „Mirai“, кој е на пазарот веќе повеќе од десет години, компанијата најавува мотори што ќе согоруваат водород, додека истовремено инвестира во хибридни системи – технологија што ѝ донесе огромен успех уште од револуционерниот модел „Prius“ во 1997 година.


Предност во време на неизвесност

Благодарение на овој диверзифициран пристап, „BMW“ и „Toyota“ денес имаат јасна предност.

Додека многу други производители панично ги ревидираат своите стратегии и повторно враќаат бензински модели во понудата, овие две компании се подготвени за секоја насока што ќе ја земе иднината – без разлика дали таа ќе припаѓа на електричната енергија, водородот или традиционалните мотори со внатрешно согорување.