Крај на нефункционалните институции, доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии, најави Минчев

Макфакс

25/09/2025

15:00

165

Големина на фонт

а а а

Намалување на членовите на управните и надзорните одбори, укинување и спојување на непотребните институции и воведување јасни правила за професионално управување, најави министерот за јавна администрација, Горан Минчев, порачувајќи дека започнува процес на рационализација на јавниот сектор.

Според него, доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии.

Како што оценува, управните и надзорните одбори со години беа структури со преголем број членови, со сомнителни критериуми и без отчетност. Тоа, за Минчев е неприфатливо.

„Ќе воспоставиме ред, помалку одбори, помалку членови и избор само на професионалци со знаење, стручност и компетенции, а не со партиска книшка“, потенцира Минчев.

Најави дека ќе се стави крај и на нефункционалните институции.

Како што вели, во државата има институции кои постојат само на хартија, со по неколку вработени и преклопени надлежности.

Тој оценува дека тоа се симболи на неефикасност и расфрлање на државните пари.

„Со нивно спојување и оптимизација ќе обезбедиме рационализација, помалку трошоци, подобра координација и поефикасни услуги за граѓаните“.

Најавувајќи модерна и професионална администрација, Минчев појасни дека се подготвува нов закон за висока раководна служба со кој ќе биде искоренета партизацијата при избор на функционери.

Нагласи дека никој повеќе нема да биде назначен по партиска книшка, туку според знаење, искуство и стручни вештини.