Дали Франција ја очекува целосен хаос? На премиерот му истекува времето, на маса има една карта наречена „нуклеарна опција“

Точка

23/09/2025

20:31

1.007

Големина на фонт

а а а

Францускиот премиер Себастијан Лекорни стапи на должност на 10 септември оваа година, но веќе му истекува времето.

Рокот за предавање на буџетот е 13 октомври, но договорот околу мерките за штедење не е на повидок. Во таква ситуација му преостанува само едно оружје – членот 49. 3 од францускиот устав. Овој контроверзен механизам повеќе пати ги спасувал владите од политички порази, но во Франција истиот се смета за „нуклеарна опција“.

Лекорни е четвртиот премиер на Франција во последната година, но прашање е колку ќе се задржи на функцијата. Ситуацијата во францускиот парламент е комплицирана и може да се опише како пат-позиција.


Емануел Макрон го загуби апсолутното мнозинство во Народното собрание на изборите во 2022 година. Неговата центристичка партија „Ренесанс“ (Renaissance) и сојузниците имаат околу 250 пратеници, додека за стабилно мнозинство потребни се 289 пратеници. Поради тоа новата влада на Лекорни се потпира на повремени договори со останатите политички блокови, но тие се сè потешко изводливи.

Левицата ја претставуваат Жан-Лик Меланшон со движењето „Непокорна Франција“ и Социјалистичката партија, кои бараат поинаков економски курс од владата, помали резови (намалувања) и враќање на данокот на богатство што го укинал Макрон во 2017 година. На другата страна се наоѓа крајната десница, „Националното обединување“ кое го предводи Марин Ле Пен, но нивната поддршка за буџетот е речиси невозможна.

Дури и во рамките на коалицијата на Макрон постојат несогласувања: дел од пратениците стравуваат од реакцијата на избирачите во врска со мерките за штедење. Поради тоа Лекорни моментално нема цврсто мнозинство за усвојување на буџетот, па опцијата за потпирање на членот 49.3 сè посериозно се разгледува.


Што претставува член 49.3 од францускиот устав и зошто е толку опасен?

Членот 49.3 потекнува од Уставот на Петтата република од 1958 година и бил замислен како „излез во случај на нужда“ за ситуации кога владата нема стабилно мнозинство. Тој му овозможува на премиерот да „ангажира одговорност на владата“ ма одреден закон. Тоа значи дека законот автоматски стапува на сила без гласање во парламентот, освен ако пратениците во краток рок изгласаат недоверба на влада.

Со други зборови, членот 49.3 го претвора секое гласање во „сè или ништо“. Законот се усвојува, а владата останува или паѓа заедно со законот. Поради тоа во француската политика овој механизам често се опишува како „нуклеарна опција“.


За многу пратеници и граѓани користењето на овој член значи заобиколување на демократијата. Кога владата ќе усвои закон без расправа и гласање, парламентот станува немоќен, а опозицијата ја губи можноста да влијае на содржината на законот. Таквата практика речиси секогаш предизвикува обвинувања за авторитарност и дополнително ги разгорува протестите на улиците, кои во Франција не се реткост.

Политичкиот ризик е уште поголем – опозицијата тогаш може да покрене гласање за недоверба. Ако успее владата паѓа. Тоа е реткост во француската пракса, но самата закана останува високо над „главите“ на премиерот и министрите.

Дали членот 49.3 бил користен претходно?

Да – и тоа повеќе пати. Најновиот пример е од 2023 година, кога премиерката Елизабет Борн го искористила членот 49.3 за да протурка непопуларна пензиска реформа. Резултатот биле повеќенеделни протести, штрајкови и пад на поддршката за владата.

Иако претходните влади, без оглед на политичката боја, посегнувале по овој член, секој пат цената била висока: губење на јавната доверба и зајакнување на улицата како главен противник на владата.


Премиер на работ

Денес, во време кога роковите за буџетот истекуваат и мнозинството во собранието не постои, новиот премиер се соочува со истото искушение. Членот 49.3 е правна алатка, но неговата употреба значи признавање дека нема политичка сила да изгради договор. Тоа можеби ќе му купи време, но може скапо да го чини: од нови протести до евентуално соборување на владата.


Ставот на граѓаните околу мерките за штедење е јасен. Прво, на 10 септември, движењето „Блокирај сè“ собра десетици илјади луѓе низ целата земја, а осум дена подоцна, синдикатите организираа сопствена мобилизација во повеќе од 250 градови. Синдикатите најавуваат нови протести, како што е главниот синдикат на контролорите на летање „SNCTA“, кој закажа тридневен прекин на работењето од 7 до 9 октомври.

Со протести како „Блокирај сè“ и синдикални штрајкови, треба да се има предвид дека станува збор за продолжување на трендот на незадоволство забележан за време на пензиската реформа во 2023 година, кога веќе бил користен членот 49.3. Токму ова ги поврзува сегашните и минатите бранови на криза и објаснува зошто денес овој уставен механизам е уште почувствителен и политички поопасен.


Во такви околности, ако не обезбеди мнозинство, на премиерот му останува само член 49.3 од уставот – опција што може да го спаси буџетот, но и да го загрози опстанокот на владата.