Милановиќ: Европа ја водат луѓе недораснати за тешки времиња

Нетпрес

23/09/2025

14:16

172

Големина на фонт

а а а

Безбедносната архитектура на западниот свет повеќе не постои затоа што на многу водечки позиции се недораснати луѓе кои потенцијално би можеле да го одведат во војна, и затоа Хрватска мора да се погледне себеси и своите интереси, изјави претседателот Зоран Милановиќ во неделата вечерта во Њујорк.

„Во последните дваесет години, сè е разбиено, безбедносната архитектура на светот, особено западниот свет и северната хемисфера, повеќе не постои“, рече Милановиќ на прием во Генералниот конзулат на Република Хрватска во Њујорк, кого го цитира агенцијата Hina.

Затоа, „мора да се погледнеме себеси, нашата работа и нашите интереси и да се осигураме дека не се истакнуваме премногу во сојузите во кои сме – НАТО и Европската унија“.

Хрватскиот претседател ја споредил моменталната состојба во светот со онаа од времето на Студената војна, кога „беше потребна голема концентрација за да седнат различни луѓе и да разговараат за важни работи“, додека денес „луѓето на водечки позиции, особено во Европа, работат многу лошо и генерално не се дораснати на задачата“.

Милановиќ рекол и дека начинот на кој се решаваат проблемите „води кон натамошен антагонизам и евентуална војна“, оценувајќи дека времињата се „депресивни“.

Милановиќ престојува во САД, каде што се сретна со хрватски емигранти кои живеат и работат во Њујорк и други градови на источниот американски брег.

Зборувајќи за обврските на Хрватска кон сојузите во кои влезе, особено кон Европската унија и НАТО, тој не ја довел во прашање нејзината лојалност, велејќи дека „мора да ги почитува обврските што ги презела“, но истакнал дека Хрватска има свои интереси, па затоа „никогаш не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во комбинации и авантури што не сме ги дизајнирале“.

„Тоа не е солидарност. Никој не може да ни го бара тоа и нема да го добие, според мене“, рекол хрватскиот претседател.

Како што беше најавено во понеделник во Обединетите нации се одржува Меѓународната конференција за мирно решавање на палестинското прашање и спроведување на решението за две држави, на која ќе учества и хрватскиот претседател.

Милановиќ рекол дека признавањето на Палестина нема многу да промени, но „некои работи треба да се решат за да се оди напред“. „Светот нема да биде подобар и поубав, секогаш ќе биде исполнет со кризи, дефекти, недостатоци и ние мора да се прилагодиме на тоа“, заклучил хрватскиот претседател.