Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – складирале батерии и тонери што ја загадија почвата и воздухот

Макфакс

19/09/2025

11:00

684

Големина на фонт

а а а

Скопското обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирал електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и воздухот и опасност по здравјето на луѓето.

Главен осомничен е човек кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со неговата ќерка – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.

„Тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.

Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.

На 13 септември депонираниот отпад се запали, а пожарот брзо се прошири и не можеше да се стави под контрола. Обвинителството потсетува дека согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и Инспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.

Поради тежината на делото, обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за останатите тројца – куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.