Мицкоски: Да создадеме јавен сектор кој ќе биде двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на државата

Макфакс

18/09/2025

12:30

108

Големина на фонт

а а а

„Денес сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници“, порача Христијан Мицкоски, претседател на Владата денес во своето обраќање на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“ во организација на Министерството за јавна администрација.

Премиерот Мицкоски нагласи дека инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор, односно како што рече ова не е само слоган, туку е визија и обврска пред граѓаните.

„Кога велиме ‘инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор’, тоа не е само слоган – тоа е нашата визија и обврска пред граѓаните.

Јавната администрација е темелот на државата. Таа сте вие – луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите.


Овој прв циклус на генерички обуки – со 600 учесници од локално и централно ниво – е јасен сигнал дека оваа Влада не се плаши од промени, туку ги носи. Обезбедивме врвни меѓународни обучувачи, современи програми и методологии кои не само што го пренесуваат знаењето, туку ја менуваат и културата на работење“, истакна тој и додаде:

„Да се потсетиме каде бевме:

Неодамна, јавната администрација беше сведена на политички плен. Наместо развој – партизација. Наместо мотивација – страв и реваншизам. Наместо обука – клиентелизам.

Претходната влада ја остави администрацијата демотивирана, со нарушена доверба, со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило. Чекавме со години за нормални системи за обука, а резултатите беа стагнација и загубени генерации на службеници кои немаа пристап до современи знаења.

Тоа време заврши. Денес јавно кажуваме: јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните.

Естонија ни покажа дека малите земји можат да бидат големи по иновации. Словенија покажа дека администрацијата може да биде мотор на реформите. Тоа се приказни кои почнале како што ние почнуваме денес – со луѓе кои решиле да се обучуваат, да се менуваат и да ја менуваат својата земја.


Нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони – тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Овие обуки се доказ дека не чекаме да ни биде кажано што да правиме. Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома – преку современ јавен сектор.

Апел до министрите и градоначалниците: Ве повикувам сите министри, директори и градоначалници: продолжете да ги поддржувате ваквите програми. Осигурете се дека секој вработен во вашите институции ќе има пристап до обука, менторство и можност за професионален развој. Ова не е трошок – ова е најпрофитабилната инвестиција за државата“.

Мицкоски порача дека заедно можеме да создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија.

„Ова е само почеток. Верувам дека секој од вас ќе биде амбасадор на промената во својата институција. Ќе ја понесете оваа енергија и ќе ја претворите во резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат.


Времето на Македонија е сега. Ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина.

Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било.

Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија“, изјави премиерот Мицкоски.