Скопје станува град за богати – кој има 2.000 евра месечно за да преживее?

Денар

17/09/2025

21:00

706

Големина на фонт

а а а

Сè почесто и поотворено луѓето признаваат дека живеењето во Скопје станало скапо – не „малку поскапо“, туку вистински товар кој ја штипе секоја плата уште на првиот ден од месецот.

Според последните податоци на „Нумбео“, најголемата глобална база за трошоците на живот, четиричлено семејство во главниот град денес мора да има на располагање околу 121.122 денари месечно, односно околу 1.970 евра.

Ако се пресмета поединечно, тоа значи дека само еден човек троши по 35.237 денари, или 573 евра. И тоа без вклучени кирија, кредити и долгови што за многумина се секојдневие.

Она што боде очи е колку брзо расте овој износ. Во март, пред само шест месеци, истата база пресметала дека четиричлено семејство во Скопје трошело околу 111.341 денари месечно (1.800 евра), а едно лице околу 32.640 денари (530 евра). Значи за половина година – без никакви драми, без никакви големи кризи, трошоците пораснале за речиси 10.000 денари.

Или, ако се каже појасно: 160 евра повеќе за истиот живот како и лани.


„Тоа е инфлација на тивок режим, која ја јаде секоја заштеда без да забележиш“, коментира економистот Александар Дојчинов, кој со години ги следи трендовите на „Нумбео“. „А уште пострашно е што луѓето веќе и не реагираат — навикнувањето на скапотија е најопасното сценарио“.

И кога овие бројки ќе се споредат со официјалните пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија, контрастот станува речиси гротескен.

Според нив, минималната синдикална кошничка за август изнесувала 65.507 денари – дури за 55.600 денари помалку од пресметките на „Нумбео“. Или, кажано поинаку, она што синдикатите го сметаат за „минимум за пристоен живот“ е доволно за само малку повеќе од половина од реалните трошоци.

„Луѓето веќе не прашуваат како да живеат подобро – прашуваат како да преживеат“, додава Дојчинов. „Имаме семејства каде двајцата родители работат со полно работно време, а пак не можат да стигнат до крај на месецот без да позајмат. Тоа зборува сè“.

Она што најмногу го крева вкупниот месечен трошок е храната. Според податоците, семејство во Скопје троши во просек околу 40.000 денари месечно само за намирници – леб, млеко, месо, овошје, зеленчук, основни прехранбени производи.

Во истиот период лани, оваа сума се движеше околу 32.000 денари. Поскапени се и комуналиите – струјата, водата, греењето, интернетот и ѓубрето сега собираат просечно по 12.000 денари месечно, додека пред една година беа околу 9.500.


Транспортот, горивата, одржувањето на автомобил – уште 10.000 до 12.000 денари секој месец, а јавниот превоз едвај дека нуди вистинска заштеда, а и вистинска услуга.

Тука е и станарината – најголемиот поединечен трошок за оние кои не се сопственици. За просечен стан со две спални во центарот на градот сега се бараат околу 500 до 600 евра, а надвор од центарот 350 до 450 евра. Пред пандемијата, истите станови одеа за 250 до 300 евра.

„Цените се одлепија од реалноста, а платите не мрднуваат“, вели млада брачна двојка која со дете живее под кирија во Аеродром. „Имаме комбинирани приходи од околу 1.300 евра месечно и буквално не можеме да заштедиме ништо. Ако едниот остане без работа и само еден месец, тогаш сме готови“.

Кога сето ова ќе се спореди со просечната плата во Македонија, сликата станува уште потешка за голтање. Според податоците, просечната нето-плата во јуни годинава изнесувала 44.500 денари, додека минималната плата е околу 22.500 денари.

Тоа значи дека две лица со просечни плати заедно носат околу 89.000 денари месечно – сума која е речиси 32.000 денари помала од она што „Нумбео“ го пресметува како реален месечен трошок за четиричлено семејство.


Ако едно семејство живее само од една просечна плата, ќе му бидат потребни речиси три месеци работа за да покрие само еден месец живот во Скопје. А со минимални плати? Повеќе од пет месеци работа за да се преживее еден единствен месец.

Дополнително, ако се разложи буџетот по категории, станува јасно колку тежок е товарот.

Според сегашните пресметки, околу 33% од вкупниот месечен приход на едно просечно семејство оди за храна и пијалаци, околу 25% за кирија или домување (струја, вода, одржување), 10% за транспорт и гориво, 7% за комуналии, интернет и мобилна телефонија, а остатокот — приближно 25% — за облека, здравство, образование, детска грижа, забава и непредвидени трошоци.


Целиот текст прочитајте го ТУКА.