[ВИДЕО] Хаос на „Енфилд“: Симеоне за малку ќе се степал со навивач на Ливерпул и редар, камерите го забележаа инцидентот

Точка

18/09/2025

09:20

567

Големина на фонт

а а а

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, за малку ќе се степал со еден навивач на Ливерпул и со редар, во моментите на славење на домашните по доцниот победнички гол во Лигата на шампионите.

Темпераментниот Аргентинец поради својата реакција доби црвен картон.

Камерите го забележаа моментот кога навивач на Ливерпул му дофрлуваше на Симеоне, по што тренерот му пријде и му се спротивстави. До инцидентот дојде среде еуфоријата на „Енфилд“, откако капитенот Вирџил ван Дајк со удар со глава во 92-та минута го совлада Јан Облак и му донесе победа на тимот на Арне Слот.

Тоа не беше сѐ, бидејќи Чоло влезе и во расправија со редар, а дури и го турна.

По натпреварот, тренерот објасни дека бурно реагирал бидејќи навивачот цело време го провоцирал.

„На теренот сме во позиција каде што не смееме да одговориме или да реагираме, а никогаш не е добро кога тоа ќе го сториме. Кога го постигнаа третиот гол, се сврте и ме навреди. Јас сум човек, имам емоции“, рече Симеоне и додаде:

„Многу се зборува за почит и грижа, но тие (навивачите) цел натпревар дофрлаа навреди зад клупата. Како тренер, не можам ништо да кажам. Знам дека мојата реакција не е исправна, но зад неа стојат 90 минути постојано навредување. Кога противникот ќе те победи, а тие и понатаму те понижуваат, не е лесно да останеш смирен“.

Тој додаде и дека судијата ја разбрал ситуацијата:

„Се надевам дека клуб како Ливерпул ќе поработи на тоа. Кога ќе се идентификува лице што се однесува на таков начин, мора да сноси последици. Сепак, оној што мора да остане смирен и да ги трпи навредите сум јас. На таа позиција мора да го прифатите тоа“, заклучи Симеоне.

Да потсетиме, Ливерпул славеше против Атлетико со голот на Вирџил Ван Дајк во 92-та минута со резултат 3:2, иако „Јорганџиите“ се вратија од негатива од 2:0.