Руската инвазија на Украина го поттикна војувањето со беспилотни летала од таков обем што американската војска, инаку една од најнапредните во светот, почна да заостанува.
На повеќето американски војници им недостасува знаење за борба со беспилотни системи, и додека САД се одлични во производството на големо, скапо оружје, борбени авиони, тенкови и прецизно водени ракети, не се подготвени за брзо производство на големи количини мали, евтини системи како беспилотни летала.
Во јули, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет испрати меморандум до командантите со задача за брзо воведување беспилотни летала во американската војска. Во последните месеци, американските војници почнаа да градат и печатат 3Д беспилотни летала и да тренираат на симулатори слични на видеоигри за да научат како да ги водат малите уреди низ прозорци, околу агли и во отворите на непријателските тенкови.
„Ова не е проблем на утрешнината, туку проблем на денешницата“
„Ова не е проблем на утрешнината. Ова е проблем на денешницата. А првата битка од следната војна ќе вклучува повеќе беспилотни летала отколку што некој досега видел“, изјави за Си-ен-ен генерал-мајор Курт Тејлор, командант на Првата оклопна дивизија на американската армија.
САД продолжуваат да се соочуваат со пречки во производството за да ги стигнат земјите како Кина. Клучен проблем е што американското оружје не смее да содржи кинески делови, а домашните алтернативи се значително поскапи. Украина понуди да помогне во производството на беспилотни летала. Иако Вашингтон испрати милијарди долари оружје во Украина, Киев сега ја гледа својата шанса да им врати нешто на САД.
За време на посетата на Белата куќа во август, украинскиот претседател Володимир Зеленски му претстави на Доналд Трамп договор од 50 милијарди долари за заедничко производство на беспилотни летала. Зеленски им рече на новинарите дека програмата ќе овозможи испорака на 10 милиони беспилотни системи годишно во текот на следните пет години.
Михајло Федоров, потпретседател на украинската влада, изјави за Си-ен-ен дека забележал пораст на побарувачката за податоци за украински дронови, снимки од камери со дронови што покажуваат успешни напади врз опрема, персонал и згради, а кои би можеле да ги користат одбранбените компании за обука на системи за вештачка интелигенција.
Во конференциски центар во Висбаден, Германија, во јули, украинските воени команданти дадоа искрена процена за потребата на НАТО за инвестиции во дронови пред преполна сала со воени претставници на НАТО и експерти од одбранбената индустрија.
Прифатете го ризикот, а не бегајте од него
Генерал-мајор Володимир Хорбатјук, заменик-началник на украинскиот Генералштаб, им рече на присутните дека артилеријата и противтенковските ракети се клучни, но беспилотните летала сочинуваат околу 80% од успехот во погодувањето цели.
Американските претставници дојдоа до истиот заклучок. Меморандумот на Хегсет повеќе пати го цитираа воените лидери кои разговараа со Си-ен-ен, како клучен за побрзо добивање беспилотни летала во рацете на војниците. Меморандумот нагласува дека командантите треба да го прифатат ризикот, а не да бегаат од него, пристап кој, иронично, е речиси спротивен на начинот на кој функционира војската.
Самиот тој меморандум им даде на многу команданти политичко покритие за кое сметаа дека им е потребно за побрзо дејствување. Но, армијата веќе се движеше во таа насока како дел од поширока иницијатива за модернизација што носи ново оружје и технологии. Повеќенаменската извидничка чета во Форт Блис беше производ на тој напор започнат минатата година.
Полковникот Ник Рајан, чија канцеларија го надгледува интегрирањето на беспилотните летала во војската, за Си-ен-ен изјави дека веќе постојат планови за да се обезбеди секоја единица во војската да добие системи за беспилотни летала до фискалната 2026 година.
Војниците ќе ги третираат беспилотните летала како лично вооружување
„Крајната цел е војниците да ги третираат беспилотните летала како свое лично оружје, нивно радио, нивните очила за ноќно гледање или нивната рачна граната. Едноставно тоа да биде дел од нивната стандардна опрема“, рече Рајан.
Огромното мнозинство беспилотни летала што денес украинските војници ги користат на фронтот се произведени во Украина. Сепак, во првите месеци од војната, американските дронови за напад, 100 крстосувачки ракети „Switchblade“, беа вклучени во американските пакети за воена помош.
Но, САД на крајот престанаа да испраќаат беспилотни летала „Switchblade“ во Украина, делумно поради повратните информации од украинските војници дека тие не се толку ефикасни како алтернативи против руското електронско војување.
Во рамките на војната, меѓу Украина и Русија се води технолошка трка во вооружување, при што секоја страна се обидува да ја надмине најновата иновација на другата. Ова им даде предност на украинските компании во однос на странските конкуренти кои немале директен контакт со војниците на терен.
„Победник е оној кој може најбрзо да ја ажурира својата технологија“, рече Федоров. „Украинските компании беа тука на терен и добиваа повратни информации, па затоа успеаја да ги надминат другите видови дронови кои всушност не функционираа“.
„Кога ќе изградиш дрон, мора да го испратиш во Украина“
Тоа доведе до тоа некои од водечките американски производители на дронови, како што се „Neros“ и „Anduril“, да испратат персонал во Киев и да склучат договори со украинската влада за нивните дронови да стасаат на фронтот. „Не ја видовме поентата во изградбата на ФПВ дрон, а да не го испраќаме во Украина“, рече Сорен Монро-Андерсон, извршен директор и коосновач на „Neros“.
Претходно оваа година „Neros“ доби договор а за испорака на 6.000 ФПВ дронови во Украина во рок од шест месеци. Компанијата е стара само две години и е дел од новата генерација американски компании во одбранбената индустрија, традиционално доминирана од гиганти како Нортроп Груман и Локхид Мартин.
Иако украинските компании често користат евтини кинески делови и чипови во своите дронови, тие делови се забранети во американското оружје. Монро-Андерсон рече дека „Neros“ брзо сфатил дека во некои случаи, производството на тие делови во Америка е буквално 100 пати поскапо. Масовното производство би ги намалило трошоците, но нема доволно побарувачка.
„Состојбата на индустријата е прилично бедна“
Со оглед на тоа дека кинеските компании како „DJI“ веќе доминираат во областа на потрошувачки дронови, американските производители на ФПВ дронови се зависни од договорите со Пентагон, кои досега не беа за големи количини. Иницијативата „Replicator“ на Пентагон, објавена во 2023 година како програма наменета да започне масовно производство на евтини системи за американската војска, предвидува изградба на само 3.000 дронови за две години.
„Состојбата на индустријата е прилично бедна. Neros произведува 2.000 дронови месечно, а ние имаме најбрза линија за производство на дронови во Америка, што е неверојатно за мене бидејќи тоа воопшто не е голема бројка“, истакна Монро-Андерсон.
Украинските компании го зголемија својот производствен капацитет на четири милиони дронови оваа година. Тоа вклучува импресивен арсенал на украински беспилотни летала со долг дострел, од кои некои се способни да погодат цели на оддалеченост поголема од 1.500 километри. Украина, исто така, разви линија на поморски беспилотни летала кои успешно ја надмудрија поголемата руска флота во Црното Море.
За да ги мотивира украинските војници, Киев создаде систем на поени кој наградува секој успешен напад со беспилотни летала снимен со камера. Колку повеќе поени заработува една чета или баталјон, толку повеќе дронови добива за да продолжи да погодува цели. Овие видеозаписи, рече Федоров, сега формираат база на податоци за беспилотни летала што другите земји ги посакуваат за обука на модели на вештачка интелигенција.
Кина произведува десетици милиони дронови
Со зголемувањето на бројот на беспилотни летала од двете страни, бојното поле се сведе на затишие. Секоја област во рамките на 25 километри од фронтовската линија сега се смета за забранета зона бидејќи тоа е дострелот на повеќето дронови. Некои дури ќе таргетираат и мали групи пешадија во движење. Движењето на возила во таква областа е особено опасно, ограничувајќи ги опциите за снабдување или ротацијата на силите.
Аналитичарите велат дека војната со беспилотни летала веројатно би изгледала поинаку во конфликт во огромниот Индо-Пацифик отколку на честопати статичните боишта во конфликтот меѓу Украина и Русија. Но, веројатно ќе се користи истата технологија, а Кина веќе произведува десетици милиони мали беспилотни летала секоја година, што е загрижувачко за Соединетите Американски Држави.