Граѓаните беа навреме известени за евакуација, СДС и Филипче без аргументи создаваат магла и лажни скандали, вели Митева за пожарот во Трубарево

Макфакс

15/09/2025

19:23

106

Големина на фонт

а а а

Гледам денес Филипче решил да ме споменува и да прави конфузија во јавноста околу постапувањето и комуникацијата на Владата. Но, токму тоа покажува колку опозицијата е беспомошна, ова се класични обиди да се поткопа институционалната доверба. Тоа за мене е патолошки пристап во политика, кога нема аргументи, тогаш се создава магла околу фактите, пишува во објава на социјалните мрежи Марија Митева, портпаролка на Владата во врска со пожарот во Трубарево.

„Прво, да расчистиме една основна работа. Евакуацијата е процедура што се спроведува според строго утврдени стандарди. Граѓаните беа навреме известени, беа подготвени капацитети за згрижување и секој имаше право и можност самостојно да одлучи дали ќе ја искористи таа можност. Ова е основниот принцип на демократско и одговорно владеење. Затоа е апсурдно да се создава наратив за наводна хаотична или недоволна реакција – тоа е ништо друго освен свесно ширење паника.

Ако зборуваме за одговорност, уште поголем апсурд е фактот дека токму Филипче, човекот кој остана запаметен по најтешките скандали во здравствениот систем од провизиите за вакцини, трагичниот случај со модуларната болница, до низа нерасчистени одговорности денес да зборува за морал и да бара оставки. Тоа е навреда за колективната меморија на граѓаните“.

Гледам денес Филипче решил да ме споменува и да прави конфузија во јавноста околу постапувањето и комуникацијата на...

Posted by Марија Митева on Monday, September 15, 2025

Според неа, апсолутно е невидена хипокризија партијата која повеќе од седум години имаше апсолутна контрола врз секторот за животна средина, како што вели, денес да поставува прашања за депониите и дали лиценците се исправни, а истата лиценца за која зборуваат е издадена во 2021 година.

„Со кого мислат дека разговараат? Народот не е ниту наивен ниту заборавен.

Одговорот е јасен, немаат суштинска критика, туку се обидуваат преку спинови да го релативизираат сопственото наследство на негрижа и злоупотреби.

Како опозиција се обидуваат да одржат политичката релевантност единствено преку создавање лажни скандали и конфузија. Но, тоа е политички концепт без визија, без аргументи и без перспектива. Ваквиот пристап го дефинирам како деструктивен и опасен, затоа што не им штети на институциите, туку директно на граѓаните. Се обидуваат со дневнополитички инсинуации да го потценат разумот.

Затоа, ваквите изјави никогаш нема да имаат политичка тежина“, додава Митева во објавата.