Македонија и Турција ќе потпишат протокол за соработка во областа на науката, технологијата и иновациите. Дефинирањето на содржината на документот е во финална фаза и за истиот се дискутираше на денешната средба помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
„Двете страни изразија подготвеност процесот да биде заокружен до крајот на годината, а потпишувањето на протоколот ќе ги зајакне односите помеѓу двете држави и ќе обезбеди поголема соработка помеѓу образовните и научните установи, размена на наставно – научен кадар, ученици и студенти“, велат од Министерството за образование.
За време на средбата, министерката Јаневска го претстави концептот за основање на првиот технолошки парк во Скопје, а турската страна изрази подготвеност да ја поддржи реализацијата на оваа идеја преку претставници на турската бизнис заедница во Македонија.
На средбата се зборуваше и за унапредување на наставата на турски јазик во Македонија која ја следат над 8000 ученици, преку повеќе обуки за наставникот кадар и вложување во додатни наставни помагала и опрема.