Нетанјаху: Не ја исклучувам можноста за нови напади врз раководството на Хамас, каде и да се

Макфакс

15/09/2025

18:39

117

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека не ги исклучува понатамошните напади врз лидерите на Хамас „каде и да се“, додека арапските и исламските шефови на држави одржуваат самит за да покажат поддршка за Катар по нападот од минатата недела врз земјата од Персискиот Залив.

Обраќајќи се на самитот, катарскиот емир Тамим бин Хамад ал-Тани рече дека израелскиот напад бил „кукавички и предавнички“, тврдејќи дека во времето на нападот, лидерите на Хамас го проучувале предлогот за прекин на огнот на САД што им го презентирале Катар и Египет.

Хамас објави дека петмина негови членови се убиени во израелскиот напад, но не и раководството. Еден член на катарските безбедносни сили, исто така, бил убиен.

Зборувајќи заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио во Ерусалим, Нетанјаху рече дека Израел сè уште не добил конечен извештај за резултатите од нападот.

Рубио ќе отпатува во Катар по неговата посета на Израел, изјави висок функционер на американскиот Стејт департмент, пренесуваат светските медиуми.

Рубио го повика Катар да продолжи да игра конструктивна улога во решавањето на конфликтот во Газа, велејќи дека тоа би можело да помогне во постигнувањето на целта за ослободување на сите 48 заложници што сè уште се држат во Газа, разоружување на Хамас и градење подобра иднина за жителите на Газа.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, посочи дека не е задоволен од нападот и вчера изјави дека Израел треба да биде внимателен.