Барселона запиша убедлива победа над Валенсија од 6-0 во првиот домашен натпревар во оваа сезона во шпанската Примера.
Иако каталонците играа без неколку првотимци, избраниците на Флик се покажаа во одлично светло, го одиграа најкомплетниот меч во досегашниот тек на кампањата и ги освоија посакуваните три бода.
Играч на натпреварот беше Фермин Лопез кој беше автор на два гола во 29 и 56 минута, партија по која испрати јасна порака за неговата иднина на „Камп Ноу“ со оглед на тоа што имаше доста информации дека постоеше можност да си замине во завршницата на преодниот рок и тоа во Челси.
- Мојот приоритет отсекогаш бил да бидам во Барса. Пристигнав кога имав 12 години, мојот сон беше да бидам тука, да стигнам до првиот тим. Секогаш е комплимент кога има интерес од други клубови, но вистината е дека отсекогаш имав идеја да останам во Барса и да успеам тука. Откако пристигнав во првиот тим, се чувствував сакан од Каталонците. Благодарен сум за тоа и што сум важен играч за Барса, - истакна Фермин и притоа подвлече:
- Отсекогаш сум сакал да бидам тука и ќе се борам да бидам тука уште многу години. Пораката од менаџерот е иста како и минатата година. Продолжете напред со интензитет и понизност. На вистинскиот пат сме и мора да продолжиме вака. Никогаш не се сомневав дека сум тука. Секогаш имаше шпекулации за мојата иднина во Барселона. Сето тоа е дел од фудбалот. Бев многу смирен во врска со сето тоа и многу сум среќен што сум тука, - заврши Лопез.