Новиот ТикТок тренд го освои светот, а овој пат не станува збор за здравје или извор на протеини, туку за текстура.
Станува збор за растеглив јогурт, леплива, еластична верзија на омилениот млечен производ што стана глобален феномен. Продавниците што го нудат овој необичен десерт се појавуваат низ целиот свет, од Кина и Сингапур до Њујорк, а снимките од него собираат милиони прегледи, пишува „Food & Wine“.
Снимките што кружат на интернет го прикажуваат густиот, речиси влакнест јогурт што сè уште се јаде со лажица, а кој има уникатна текстура. Најлесниот начин да се опише неговата вискозност е да се спореди со лига.
Откако стекна популарност во Азија и Канада, растегливиот јогурт неодамна стигна и во Соединетите Американски Држави. Иако концептот може да изгледа чудно на почетокот, погледот на неговата леплива текстура и шарените додатоци како свежо овошје со кое продавачите го збогатуваат веројатно ќе ве натераат да го пробате.
Што е растеглив јогурт?
Иако трендот често се припишува на Кина, растегливиот или „леплив“ јогурт стана вирален благодарение на продавниците во Сингапур, Џакарта и Онтарио. Сега е достапен во Њујорк, во квартот Флашинг во Квинс, каде што се наоѓа „Mamie’s Yogurt“, синџир продавници по потекло од Кина.
Лепливиот јогурт ретко се јаде сам. Повеќето продавници, вклучувајќи го и „Mamie’s“ го служат со широк спектар на свежо овошје и гумени додатоци како што се желе бонбони. Опциите за овошје вклучуваат диња, лубеница, грозје, манго, питаја, јагоди и боровинки, од кои сите може да се прелијат со боба топчиња или коцки од кокосово желе.
Самата основа на јогуртот, исто така, се нуди во различни вкусови, од манго и личи до препознатливиот „густ млечен вкус“ и спирулина. Тајната на неговата единствена текстура не е специфичниот вид млеко, туку додавањето на скроб – најверојатно од тапиока, ориз или компир – што му ја дава карактеристичната вискозност.
Пригответе го дома
Ако сакате да го пробате овој модерен јогурт, можете сами да го направите за помалку од пет минути со само три состојки. Тиктокерката Кет Лиу сподели едноставен рецепт: Измешајте половина чаша грчки јогурт, половина чаша млеко и четвртина чаша скроб од тапиока во сад погоден за микробранова печка. Покријте го садот со пластична фолија, со виљушка направете неколку дупки во фолијата и загревајте го две минути.
Откако ќе се загрее, добро промешајте ја смесата додека да стане мазна и вашиот растеглив јогурт е готов. Сервирајте го со сечкано овошје или како што предложи Кет, со црн сусам и препечено соино брашно.