„Ferrari“ го открива првиот електричен модел – еве кога пристигнува и како ќе се вика

Точка

01/09/2025

13:48

338

Големина на фонт

а а а

Иако името можеби не звучи премногу имагинативно, сепак совршено се вклопува во праксата на брендот да користи италијански називи за своите автомобили.

„Ferrari“ официјално потврди дека на 9 октомври ќе го претстави својот прв целосно електричен автомобил.

На средба со инвеститорите, претседателот на компанијата Џон Елкан го откри и можниот назив – „Ferrari Elettrica“.

Името, иако едноставно, е во согласност со традицијата на марката, како што е случај со „LaFerrari“ или „12Cilindri“. Сепак, експертите сè уште се прашуваат дали компанијата навистина ќе остане при изборот „Elettrica“.


Нов концепт за нова публика

Прототипите што веќе се тестираат на патиштата откриваат дека новиот модел ќе има четири врати и форма на кросовер, иако Италијанците внимателно го избегнуваат терминот SUV. Целта е да се привлечат нови клиенти, без да се изгуби традиционалната клиентела, пишува „autobild.de“.

„Ferrari“ веќе отвори нов истражувачко-производствен комплекс наречен „e-Building“ во Маранело, каде ќе ги развива и произведува сопствените батерии, електромотори и други клучни компоненти.


Традиционален звук во електрична ера

Особено интересно е тоа што „Elettrica“ ќе добие специјален звучен модул кој верно ќе го имитира звукот на моторите со внатрешно согорување – технологија за која „Ferrari“ веќе поднесе патент во 2023 година.

Иако податоците за перформансите сè уште не се откриени, се очекува автомобилот да понуди импресивни возни карактеристики. Проценетата цена би можела да достигне околу 500.000 евра.

До официјалната премиера во октомври ќе стане јасно и дали првиот електричен „Ferrari“ навистина ќе го носи името „Elettrica“.