Високопозиционираниот член на „Шкаљарскиот клан“ од 2009 година до денес неколку пати бил мета на платени убијци, а дури три пати бил ранет.
Марко Љубиша Кан, кој важи за високопозициониран член на „Шкаљарскиот клан“, преживеа уште еден обид за атентат, а два пати избегнал смрт во Белград!
Во четвртокот попладне, како што се сомнева, платен убиец пукал во него додека бил на базен во еден хотел во Пржно, а куршумот го "гребнал" по главата. Пукањето го снимиле камери, а снимката стигнала до јавноста.
Пиштол под пешкир
На снимката се гледа како маж во светли шорцеви и маица, со пешкир околу вратот, слегува по скали и одзади му приоѓа на Кан, кој лежел на лежалка. Од непосредна близина, речиси од растојание од 20 сантиметри, пукал во Кан со пиштол што претходно го извадил од торбичка околу вратот, скриена под пешкирот.
„Откако испукал неколку куршуми, мажот избегал трчајќи од базенот. Настанала паника, луѓето почнале да бегаат, некои скокнале во базенот од шок. Спасувачите и персоналот веднаш му прискокнале на помош на Кан, а на местото се нашол и лекар од Косовска Митровица. Ранетиот потоа бил префрлен во болницата во Рисан, каде што му биле констатирани лесни повреди“, изјави извор.
Според црногорските медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата, полицијата го идентификувала мажот што пукал во Љубиша, а недалеку од местото на пукањето бил пронајден џип што се поврзува со ова кривично дело.
„Со оглед на фактот дека Љубиша и претходно пет пати бил мета и дека било забележано дека одредени лица го следат неговото движење, инспекторите пред два месеца го предупредиле дека неговиот живот е во опасност. Сепак, и по тоа Љубиша продолжил да ги посетува местата каде што одел и претходно. Полицијата неодамна пронајде џип во близина на плажата Црвена главица, а токму тој автомобил се поврзува со криминален план на, за сега, непозната личност, која имала задача да го ликвидира Љубиша. Претходно, во мај, беше пронајден мотоцикл за кој полицијата изјави дека бил подготвуван за извршување на убиство“, изјави извор за „Pobjeda“.
Војната меѓу клановите беснее
Истражителите веруваат, според изворите, дека овој обид за убиство е уште еден показател дека војната меѓу двата завојувани клана од Котор, „Кавачкиот“ и „Шкаљарскиот“, сè повеќе се разгорува. Имено, изворите потсетуваат дека Кан некогаш бил мета на „Кавачкиот клан“ на чело со избеганиот Раде Звицер, а го нишанеле и платеници на Врачарската криминална група предводена од белграѓанецот Никола Вушовиќ, познат како Џони од Врачар.
„Марко Љубиша Кан и Раде Звицер, според списите на црногорското обвинителство, се лути непријатели. Неодамна Звицер беше обвинет дека заедно со Никола Вушовиќ подготвувал негова ликвидација. Звицер и Вушовиќ се обвинети дека средината на 2020 година, во Црна Гора и Србија, организирале криминална група чии членови прифатиле задача да го убијат Кан“, потсетува изворот и додава:
„Како директен извршител наводно бил ангажиран Лазар Илиќ, а како помагач Страхиња Савиќ, исто така државјанин на Србија. Илиќ и Савиќ биле уапсени во јануари 2021 година во Будва, кога црногорската полиција спречила ликвидација на Кан.“
Потсетуваме дека на Лазар Илиќ му се суди и пред Специјалниот суд во Белград заедно со останатите членови на Врачарскиот клан. Во Србија му се суди како директен извршител на убиството на Александар Шарац во ТЦ Ушќе во октомври 2020 година.
„По злосторството во „Ушќе“, соработниците, според обвинението, ги префрлиле Илиќ и Савиќ во Црна Гора и им доделиле нова задача“, објаснува изворот. Инаку, Илиќ и Савиќ биле уапсени во 2021 година во шtek-стан во Будва и за време на судењето ја негирале вината.
Кан: Не ги познавам
Како сведок во тој процес, според пишувањата на црногорските медиуми, бил сослушан и Марко Љубиша Кан, кој изјавил дека не ги познава ниту напаѓачите ниту организаторите на неговото убиство. Во исказот пред обвинителството, навел дека не му е јасно што тие имале против него, бидејќи тој против нив нема ништо. Изјавил дека во тоа време имал, и сè уште поседува, блиндиран „Mercedes“, објаснувајќи дека тој обид за негово убиство бил само еден од низата.
Бил со Кажанегра
Според неофицијалните информации на „Vijesti“, Кан пред ранувањето бил во пошироко друштво, но непосредно пред пукањето останал сам со Огњен Кажанегра, исто така личност означена во полициските евиденции како оперативно интересно лице. Тој не бил повреден во пукањето. Пред помалку од еден месец, на 25 јули, полицијата ги претресувала куќите и имотот на Кан и Кажанегра во Будва.
Едвај чекам да го убијам
Еден од клучните докази против Лазар Илиќ, Страхиња Савиќ и останатите била пресретната комуникација преку „Sky“.
„Почнуваме со Кан, едвај чекам да го убијам, сонував дека ми побегна, полудев, брате, полудев, сонувам дека ми побегна, ауу, си реков, некаде во Белград го пукам и побегна … Ти се колнам, брат, ќе видиш, ќе го избушам како дрво, хахаха“, пишувало во една од пресретнатите пораки начленовите на криминалната група на која ѝ се судело пред подгоричкиот Виш суд за обид за ликвидација на Марко Љубиша Кан во јануари 2021 година во Будва.
Хронологија на атентатите врз Кан
• Белград 2009 година – ранет во врат пред „Арена“, по мечот Партизан – Панатинаикос.
• Белград 2013 година – повторно тешко ранет на Нов Белград, кога било пукано во неговиот „Golf“. Погоден со четири куршуми во градите и вратот. Сам успеал да се довезе до Итна помош, каде го кажал своето име и изгубил свест.
• Будва 2019 година – напаѓач испукал рафал од „калашњиков“ кон Марко Љубиша, Горан Словиниќ и Горан Марковиќ. Неколку куршуми ги погодиле Словиниќ и Марковиќ, но Љубиша останал неповреден.
• Будва 2021 година – уапсени државјани на Србија Лазар Илиќ и Страхиња Савиќ поради сомневање дека подготвувале негова ликвидација. Илиќ и Савиќ биле означени како членови на Врачарскиот клан.
• Будва 2025 година – во мај во Будва бил пронајден мотор за кој полицијата се сомнева дека бил подготвуван за ликвидација, а уапсени биле двајца државјани на Србија и еден Будванец.