Пекинг го доби првиот трговски центар за продажба на хуманоидни роботи, вклучително и Ајнштајн

Точка

08/08/2025

21:02

505

Големина на фонт

а а а

Нов трговски центар за продажба на роботи е отворен денес во кинеската престолнина Пекинг, нудејќи широк асортиман на модели – од механички батлери до роботи-двојници на Алберт Ајнштајн.

Купувачите можат да изберат меѓу повеќе од 100 типови роботи, а центарот, наречен „Robot Mall“, е еден од првите во Кина што ќе продава хуманоидни роботи наменети за потрошувачи, пренесува „BBC“.

Овој трговски центар се споредува со автосалон, бидејќи освен продажба, нуди и резервни делови и услуги за одржување.

Кина вложува значителни средства во роботиката и вештачката интелигенција („AI“), обидувајќи се да се справи со предизвиците како забавувањето на економскиот раст и стареењето на населението, наведува британскиот јавен сервис.


„Ако роботите треба да влезат во домаќинствата, потпирањето исклучиво на компаниите за роботика не е доволно“, изјави за „Reuters“ директорот на трговскиот центар, Ванг Јифан.

Цените на роботите се движат од 2.000 јуани (278 долари) па до неколку милиони јуани.

Посетителите можат да комуницираат со роботите, вклучително и со оние што играат шах, или да се забавуваат со роботи-кучиња, велат организаторите.


Кина и даде голем приоритет на индустријата за роботика, при што минатата година субвенциите за оваа област надминаа 20 милијарди долари.

Кинеската влада, исто така, планира фонд од трилион јуани за „AI“ и стартапи кои се занимаваат со роботика.

Отворањето на трговскиот центар за роботи се совпаѓа со почетокот на петдневната Светска конференција посветена на роботите, која започна денес во Пекинг.


Кинеските државни медиуми наведуваат дека на овогодинешниот собир ќе бидат изложени над 1.500 модели на роботи од повеќе од 200 локални и странски компании за роботика.

Пекинг, исто така, се подготвува да биде домаќин на Светските игри на хуманоидни роботи, кои ќе се одржат од 14 до 17 август, потсетува „BBC“.

На игрите ќе се натпреваруваат тимови од над 20 земји во категории како атлетика, танц и фудбал.