Екс играч на Барселона кој погоди и на „Ел Класико“: Еден човек во клубот ми ја уништи кариерата

Дерби

07/08/2025

14:12

1.085

Големина на фонт

а а а

Голем број фудбалери не успеале да го покажат својот целосен потенцијал откако обезбедил трансфер во фудбалски великан како Барселона, а понекогаш постоеле и објективни причини кои ги спречиле да ја искористат дадената шанса или период на време.

Фановите на Барса кои паметат и најмали детали од последните децении веројатно ќе се сетат дека член на каталонскиот клуб беше Жефрен Суарез, момче кое пристигна во првиот тим од младинската академија и играше за една од најдобрите, ако не и најдобрата генерација на шпанскиот клуб.

Жефрен никогаш нема да заборави дека постигнал гол против Реал Мадрид во високата победа од 5:0 во сезоната 2010/11, но и тоа не му помогна долго да остане во редовите на Барселона.

Веќе истата година тој замина од „Камп Ноу“ и во меѓувреме играше за многу клубови на повеќе континенти, пред да ја заврши кариерата во Тајланд на 37-годишна возраст. Во своето последно интервју Жефрен го нападнал поранешниот спортски директор Андони Зубизарета, за текот на кариерата по разделбата со Барса.

– Одлуката за заминување ја донесов заедно со Пеп Гвардиола, тој отворено ми кажа дека ако останам ќе немам посакувана минутажа, посебно што во клубот требаше да дојде Алексис Санчез.

– Повредите беа најважна причина што морав да прифатам да ја променам средината, но клубот ми го заврте грбот. Под ова не мислам на Гвардиола, туку на Зубизарета, спортскиот директор кој ми ја уништи кариерата.

– Имав понуда од Валенсија, но тој ми ги затвори вратите на шпанските ривали. Кога доаѓаа клубови од други земји бараше 3 милиони евра, а за шпанските клубови цената за мој трансфер беше 5 милиони евра. Оттогаш не сакам да го видам, а јас каде и да отидев не успеав да го најдам дотогашното фудбалско задоволство. Така беше сè до трансферот во Тајланд, кога повторно уживав во фудбалот, – рекол Жефрен.