Сон си договори 15-милионски трансфер откако потврди дека си заминува од Тотенхем

Дерби

03/08/2025

14:30

1.932

Големина на фонт

а а а

Хеунг Мин Сон одбележа една ера во Тотенхем и минатата сезона ја заврши со историски трофеј во Лига Европа, па легендарниот Кореец смета дека неговата приказна во Северен Лондон заслужува да заврши токму на таков начин.

Сон вчера со солзи во очите потврди дека донел одлука да го напушти Тотенхем и да остави простор за нови играчи кои се желни за докажување, а истовремено, тој е подготвен за нов предизвик кој ќе направи да се ресетира пред завршната фаза од кариерата.

33-годишниот Сон ќе си замине како капитен на „петлите“, а како што јавуваат угледните британски медиуми, офанзивниот фудбалер е во завршна фаза од преговорите за нов ангажман.

Планот е целата операција да биде комплетирана во наредните неколку дена, со која Сон ќе стане огромно летно засилување за Лос Анџелес.

Кореецот ќе биде една од многуте звучни имиња кои ја избраа МЛС како идеална дестинација за финалната фаза од кариерите, па медиумите најавуваат дека Сон ќе биде и еден од најплатените фудбалери во САД.

Според информациите кои пристигнале до трансфер инсајдерите, целата операција треба да чини околу 15 милиони фунти, сума од која се задоволни и челниците на Тотенхем, но и оние на американскиот клуб.