Додека обожавателите нетрпеливо го очекуваат продолжението на култниот филм „Ѓаволот носи Прада“, фотографите на странските медиуми имаат уште една, многу тешка задача – да го следат секој чекор на актерите.
Па така, Мерил Стрип, една од главните актерки во филмот и нејзиниот колега Стенли Тучи беа фотографирани во Њујорк каде, според медиумските извештаи, снимале посебна сцена.
Благодарение на фотографите на странските медиуми, дознавме дека познатата Мет Гала ќе биде дел од оваа филмска продукција, како и дека Мерил ќе биде во центарот на самиот настан.
За таа пригода, таа решила да облече гламурозен црвен фустан со асиметричен горен дел и едноставен, прав крој.
Познатата актерка стајлингот го надополнила со впечатлива темна шминка и едноставни аксесоари, а култната фризура со благ волумен по која е позната Миранда Присли (ликот што го толкува Мерил во филмот) исто така беше забележлива.
Што се однесува до Стенли, тој се решил за класичен црн костум и машна, а детаљот околу неговиот врат исто така беше забележлив – шалот, кој е составен дел од изгледот на Најџел во филмот.
Иако фотографите го расипаа изненадувањето за гледачите, особено модните критичари, актерите немаа друг избор освен да се насмевнат и уште еднаш да ги покажат своите гламурозни изданија.