Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево.
Во својот говор, Сиљановска-Давкова рече дека е „време за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени“.
„Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта ̶ слобода и правда. Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, истакна претседателката.
Таа додаде дека „мора да го искорениме плевелот на корупцијата и на криминалот“.
„Никој не смее да биде недопирлив, независно дали е поранешен или актуелен политичар или функционер, судија или влијателен бизнисмен. За правдата да биде неселективна и навремена, потребни се забрзани и длабоки реформи во правосудството, а тие почнуваат со европска правна рамка, но и со европски критериуми на регрутирање, како и со европски стандарди на функционирање и одговорност“, вели Сиљановска-Давкова.
Според неа, потребен ни е здравствен систем по мерка на здравјето на пациентите и на нацијата. За креативните умови, потребни се инвестиции во образованието и науката, во истражувањето, во развојот и дигитализацијата.
Претседателката се осврна и на пожарите.
„Деновиве, републиката ни е во пламен. За помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. И овие активности се во ек. За да се заштити здравјето на луѓето и на природата, мора да ставиме крај на дивите депонии и на нивното палење, но и да имаме контрола врз палењето“, вели претседателката.
Сиљановска-Давкова истакна дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка: со заштитени слободи и права, со владеење на правото и бескомпромисна борба со корупцијата; со стратегиски партнерства со државите со заеднички вредности и интереси; со независни и функционални институции; со компетитивна економија и со капитални инвестиции; со партиципативна политичка култура.
„Ние не сме стебло без корен. Нашата слобода и нашата република се вкоренети во европската пролет на народите, во демократските и хумани визии на „Млада Европа“. И затоа, на оној што ќе ни рече „вие сте млад народ со млада држава“, ќе му одговориме дека сме чеда на Гоцевата визија за „Млада Европа“ обединета Европа, и за светот како поле за културен натпревар на народите!
Колку и да ни е тешко, не треба да се обесхрабруваме од пречките и препреките. Сме опстоиле и сме надминале и потешки проблеми. Не сме сами. Имаме пријатели – демократи кои го почитуваат нашето право на национален и културен идентитет, на граѓански дигнитет и интегритет зашто и самите го сакаат и уживаат. Верувам во нивната поддршка и помош. Тие не се плашат да укажат и да се спротивстават на двојните стандарди и на анахроните обиди за ревизија на историјата.
Ние не се откажуваме од природниот пат кон членството во ЕУ, оти отсекогаш сме дел на Европа: географски, историски и културно, зошто да не и политички. Едноставно, ние балканските народи и нации сме биле, сме и ќе останеме Европејци.
Цврсто сме решени како што беше европски зацртано да стигнеме до целта до 2030 година, европеизирани по словото на Копенхагенските критериуми!“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.