Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Макфакс

02/08/2025

14:41

453

Големина на фонт

а а а

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.

Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.

Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.

„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.

Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.

Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.

Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.

Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.