Лили Бариа (28), поранешна келнерка од Лондон, одлучила на 20-годишна возраст да му сврти грб на животот во британската престолнина и да се пресели во Индија – без работа, план или ничија помош. Родена во мешан брак, со англиско-индиски корени, Лили работела во кафуле на семејни пријатели, каде што презела и менаџерски обврски. Наскоро, работата почнала да ја исцрпува.
„Беше премногу напорно. Буквално почнав да лудувам. Морав што побрзо да си заминам од Лондон“, изјавила таа за „ForFaceSake London“.
Според нејзините зборови, просечните трошоци за живот во Лондон изнесуваат околу 3000 евра месечно, додека во Гоа, најмалата сојузна држава во Индија, Лили месечно троши околу 200 евра.
Живот во џунглата
Веќе осум години живее во Гоа, покрај плажа и на раб од џунгла, заедно со нејзиното момче и кучето. Заработува од рачно изработена облека што самата ја плете на балконот и ја продава преку интернет. Една од работите што ја воодушевиле во Индија е локалната „тифин“ услуга – секојдневна достава на домашно приготвена храна од семејни готвачи. За само 60 евра месечно, секој ден добива топол ручек составен од кари, ориз, зеленчук и прилог.
„Претходно јадев сендвичи со шунка и кашкавал. Сега секој ден добивам нешто различно – и никогаш не ми здосадува“, раскажува таа. Поради тоа, на ТикТок ја нарекуваат „tiffin lady“.
Без стрес, но и без струја (понекогаш)
Иако на социјалните мрежи прикажува луксузни кафулиња, плажи и тропска вегетација, Лили е свесна дека Гоа има и свои недостатоци.
„Гоа сè уште е село. Се случува да немаме струја по неколку пати на ден, а понекогаш исчезнува и водата. Ако тоа ви пречи, тогаш ова не е местото за вас“, признава.
„Не дај Боже девојка да живее во Индија и да ужива во тоа.“
„Животот е краток – подобро вака“
Лили досега има посетено три сојузни држави во Индија. Во Индија пристигнала сама и признава дека на почетокот се чувствувала нервозно.
„Можеби утре нема да бидам тука. Подобро денес да го живеам животот како што сакам, отколку цел живот да седам зад биро во некоја канцеларија.“