„Макпетрол“ со поголема добивка и силни инвестиции во првата половина од 2025 година

Точка

31/07/2025

15:55

244

Големина на фонт

а а а

„Макпетрол“ АД Скопје успева да го зачува водечкото место на енергетскиот пазар во земјава во текот на првата половина од 2025 година и продолжува со својата посветеност на сигурното снабдување со висококвалитетни нафтени деривати и природен гас, паралелно продолжувајќи со значајни инвестиции и континуирана поддршка на своите вработени, информираат од „Макпетрол“.

Во првата половина на 2025 година, компанијата оствари приход од 14,48 милијарди денари кој е поголем од минатогодишниот за 99,76 милиони денари. Добивката пред оданочување достигна 507,31 милиони денари, а по оданочување изнесува 464,19 милиони денари – за 5 отсто повисока од лани. Количествениот промет во малопродажбата е зголемен за 3,59 отсто, а зголемениот и проширен асортиман на бензинските станици придонесе за раст на прометот од 9,09 отсто. Истовремено, големопродажбата бележи силен раст од 24,56 отсто, најмногу поради зголемениот промет со природен гас и млазно гориво.

- Преку континуирана оптимизација на процесите, одговорно управување со ресурсите и посветеност кон клиентите, компанијата успеа да ги задржи позитивните финансиски резултати и да го зајакне своето лидерско место на енергетскиот пазар во државата. Нашата стратегија на одржлив развој и диверзификација на понудата продолжува да дава резултати и да создава додадена вредност за акционерите и за пошироката заедница - посочуваат од „Макпетрол“.

Вкупните расходи достигнаа 13,98 милијарди денари, раст од 0,55 отсто во однос на минатата година, а главните причини се зголемувањето на трошоците за вработени и транспорт. Во знак на признание за придонесот на вработените, „Макпетрол“ во јули исплати регрес за годишен одмор во износ од 48.000 денари по вработен, во вкупна вредност од 106,45 милиони денари.

Компанијата продолжува со силен инвестициски циклус и во првата половина од 2025 година вложи над 112,6 милиони денари во реконструкција и изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти.

На 29-тото Собрание на акционери, одржано во мај, донесена е одлука за исплата на дивиденда за 2024 година во вкупен бруто-износ од 424,8 милиони денари, односно 4.200 денари по акција. Исплатата е планирана најдоцна до 30 септември 2025 година.

Од „Макпетрол“ информираат дека добивката по оданочување е 464,19 милиони денари и е резултат на стабилното работење и ангажманот на вработените и менаџментот.