Муцунски за отворањето генерален конзулат во Корча: Време е да им се доближиме на Македонците во Албанија

Макфакс

29/07/2025

20:03

230

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево преку социјалните мрежи информираше дека Владата на денешната седница донела одлука за отворање Генерален конзулат во Корча, Република Албанија.

„Грижата за Македонците во Албанија не ја покажуваме со зборови, туку со конкретни дела. Македонците од Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора се предалеку од Тирана, време е да им се доближиме“, истакна Муцунски.

Тој појасни дека со оваа одлука, македонските државјани кои живеат во овие области ќе добијат побрз и полесен пристап до конзуларни услуги, како и поддршка за културни, образовни и економски врски.

„Целиме кон посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис. Ова се конкретни чекори, не празни зборови“, подвлече Муцунски.

Според појаснетото од неговиот кабинет, генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора, и ќе работи во целосна координација со Амбасадата во Тирана. „Неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка во поширокиот регион“.