Силен земјотрес со магнитуда од 8,8 степени го погоди полуостровот Камчатка на далечниот исток на Русија, предизвикувајќи цунами високо до четири метри, оштетувајќи згради и активирајќи предупредувања и евакуации низ Тихиот Океан.
Неколку лица беа повредени во тој оддалечен руски регион, а на населението на поголемиот дел од источниот брег на Јапонија, кое силно страдаше во катастрофалниот земјотрес и цунамито од 2011 година, му беше наредено да се евакуира. „Денешниот земјотрес беше сериозен и најсилен во последните десет години“, објави гувернерот на Камчатка на Телеграм.
Регионалниот министер за вонредни ситуации Сергеј Лебедев објави дека по земјотресот е регистрирано цунами од 3 до 4 метри. „Сите мора да се оддалечат од брегот“, рече Лебедев во видео на социјалните медиуми.
Американскиот сеизмолошки институт објави дека земјотресот бил на длабочина од 19,3 км, околу 125 км од Петропавловск, град со 165.000 жители на брегот на заливот Авача.
Кинескиот центар за предупредување од цунами објави дека се очекува бранови со висина помеѓу 30 сантиметри и еден метар да го погодат источниот брег на земјата.
Во официјалното соопштение на центарот се вели: „Врз основа на најновите предупредувања и резултатите од анализата, Центарот за советување за цунами при Министерството за национални ресурси утврди дека земјотресот предизвикал цунами, за кое се очекува да предизвика штета во одредени крајбрежни области на Кина“.
Предупредувања за цунами без издадени и за Јапонија и Хаваите.