Влезот во ЕУ наместо 7, ќе се плаќа 20 евра – наесен стартува новиот систем EES

Нетпрес

27/07/2025

16:20

847

Големина на фонт

а а а

Патувањето во Европската Унија од 2026 година ќе стане значително поскапо и построго контролирано. Наместо досега најавуваната такса од 7 евра за електронска дозвола за влез (ETIAS), Европската комисија објави дека цената ќе биде речиси тројно поголема – 20 евра по апликација.

Оваа дозвола ќе важи три години и ќе биде задолжителна за сите државјани од земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани. Како главна причина за зголемувањето на цената, Комисијата ја наведува инфлацијата и дополнителните трошоци поврзани со имплементацијата на нови технички функции во системот.

Иако системот ETIAS ќе се применува дури од втората половина на 2026 година, уште наесен – во октомври 2025 – започнува имплементацијата на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде првиот чекор кон новиот режим на влез во Шенген-зоната.

Системот EES е автоматизиран ИТ-систем за евиденција на краткорочни престои (до 90 дена во период од 180 дена), кој ќе регистрира секое влегување и излегување од ЕУ за државјани од земји надвор од Унијата. Новина е што при влез ќе се бараат биометриски податоци – отпечатоци од прсти (четири прсти) и фотографија од лицето, кои ќе се зачуваат во дигитална евиденција.

Системот ќе се применува на сите гранични премини на земјите-членки на Шенген-зоната, како и на Бугарија, Хрватска и Романија. За патниците ова ќе значи подолги процедури при првиот влез, бидејќи податоците ќе се собираат и верификуваат на самата граница.

Важна забелешка е дека нема да се става пасошки печат, но доколку патникот одбие да даде биометриски податоци, автоматски ќе му биде одбиен влезот во ЕУ.

Овие нови правила ќе важат за сите државјани од Западен Балкан, вклучително и за македонските граѓани. ЕУ ги оправдува новите мерки со потребата за зголемена безбедност, подобра контрола на движењето и намалување на злоупотребите на туристичкиот престој.