Кога се работи со љубов и постои силна желба, посветеност и ентузијазам, живеалиштата во Скопје ЗОО, и по многу години, може да изгледаат фантастично.
Одличен пример за тоа е градината и живеалиштето на Фламингата во Скопје ЗОО, проект изведен пред 5 години, а кој денес изгледа уште поубаво. Кога го гледаме овој дел од Скопје ЗОО, имаме чувство како да сме во некој далечен и егзотичен нацинален парк. Растенијата се бујни, раскошни и во одлична форма, а фламингата разиграни покрај езерцето.
Тоа е така, поради вработените во Скопје ЗОО, посебно едукаторот Војо Иванов, кој се грижи секојдневно живеалиштето и градината на фламингата да се одржува и да блеска во полн сјај, дури и во ова топло скопско лето со температури над 40 степени. А на овие убави и егзотични птици им е овозможено да живеаат во убаво и автентично живеалиште, многу слично на нивната природна средина.
Овој проектот пред 5 години го поддржа Градот Скопје, а пејсажното уредување и изведбата беше на градинарскиот центар ФОЈА, кој уште еднаш покажа врвна експертиза, но и чувство дека кога нешто се прави, потребен е добар план, и избор на вистински растенија и дрвца.
„Раскажувачот од Зоо“ како што уште го нарекуваат, г. Војо Иванов кој секогаш има интересни информации за видовите на животни и тоа од еден поинаков, интересен аспект, и овој ден го сретнавме во зоолошката градина, како неуморно ги полива со вода растенијата, и ги храни фламингата.
Спојот на врвен пејсажен проект проследен со професионална реализација од ФОЈА, со посветена грижа и правилно одгледување од Скопје ЗОО, резултира со вонсериско парче природа кое редовно ви го зема здивот при секоја средба.