[ВИДЕО] Огромен пожар на сцената на еден од најголемите фестивали во светот

Макфакс

16/07/2025

20:55

3.220

Големина на фонт

а а а

Главната сцена на фестивалот „Tomorrowland“ во Белгија е зафатена од огромен пожар само два дена пред почетокот на првиот викенд на еден од најголемите музички фестивали во светот.

На социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како пламенот ја проголтува главната сцена на белгискиот фестивал, додека локалните медиуми известуваат дека службите за итни случаи се на местото на настанот во голем број.

Локалниот портал ГВА објави дека властите им советуваат на жителите да ги затворат прозорците и вратите поради ширењето на чад низ областа. Досега нема пријавени повредени бидејќи посетителите сè уште не пристигнале, а британскиот „Мирор“ објави дека околу 1.000 вработени биле на лице место во времето на пожарот, учествувајќи во подготовките за фестивалот.

Фотографиите и видеата објавени од ГВА и корисниците на платформата Икс го покажуваат обемот на пожарот, но сè уште не е познато колкава е штетата и дали инцидентот ќе влијае на фестивалот.

Tomorrowland е еден од најголемите и најпознатите фестивали за електронска музика во светот, а оваа година се очекува повеќе од 70.000 посетители дневно да поминат низ фестивалските порти. Првиот викенд од фестивалот е закажан за овој петок.