Зошто Русија ги засилува нападите врз Украина?

Точка

14/07/2025

21:22

1.736

Големина на фонт

а а а

Киев и Одеса се под најмасовните руски напади од почетокот на инвазијата пред три години. Москва користи стотици дронови и ракети. Што сака да постигне Владимир Путин со тоа – и што би можело да го запре?

Наутро на 11 јули, Русија повторно изврши напад со дронови врз Одеса. Според локалните медиуми, погодена е зграда на Регрутен центар на украинската војска, како и станбени објекти. Ден претходно, најмалку две лица загинаа во масовен ноќен напад врз Киев. Погодени беа неколку делови од градот, а градоначалникот Виталиј Кличко соопшти дека била уништена и една амбуланта. Во последниот период, Украина е подложена на серија масовни комбинирани напади од страна на Русија. Украинските медиуми нападот од 4 јули го нарекоа „ноќ на пеколот“, кога Русија користела над 500 дронови и ракети од типот Кинжал и Искандер.

Дури и американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно се претставуваше како посредник меѓу Москва и Киев, изјави дека е разочаран од Русија и ја заостри својата реторика. „Путин ни подметнува куп глупости“, рече Трамп и додаде дека „иако секогаш е љубезен“, на крајот тоа се покажува како „безвредно“. Наскоро по овие изјави, САД – според агенцијата "Ројтерс" – обновија испораки на одредени видови оружје за Украина, меѓу кои артилериски гранати и самоодни хаубици.


Масовно производство на дронови

Благодарение на проширеното домашно производство, Русија денес може да изведува вакви напади без целосна зависност од Иран, како во 2022. година. „Русија користи дронови од 2022 година, но обемот сега е драстично различен“, вели военотехнолошкиот експерт Дејвид Хамблинг за "DW". „Сега се произведуваат илјадници, па дури и десетици илјади дронови месечно – доволно за да се преоптоварат повеќето системи за противракетна одбрана.“

Полковник Маркус Рајснер од австриската армија додава дека Русија не би можела да ги изведува овие масовни напади без надворешна помош. „Кина испорачува компоненти за дроновите, а Северна Кореја балистички ракети“, објаснува Рајснер. „Јасно е дека Русија се потпира на поддршка од други држави.“


Терор врз цивилното население

По последниот напад врз Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека целта на Путин е да го натера народот да страда и да бега. „Тој сака куќи, училишта – самиот живот на луѓето – да биде уништен насекаде, не само на фронтот“, пренесува украинскиот портал "NV".

Според "New York Times", повикувајќи се на извори блиски до Кремљ, Русија сака во наредните месеци да ја скрши украинската одбрана. Полковник Рајснер за "Deutsche Welle" вели дека нападите имаат две главни цели: прво, уништување на украинскиот воено-индустриски комплекс, и второ – со терор врз цивилите – вршење притисок врз украинската влада.


Дали започнува летната руска офанзива?

Многу воени аналитичари предвидуваат нова руска летна офанзива. Германскиот политиколог Андреас Хајнеман-Грирдер смета дека засилените комбинирани напади се дел од оваа офанзива. Целта на Русија е да ја ослаби украинската ПВО до степен кога загубите нема да можат да се надоместат со западна воена помош. Тој не ја исклучува можноста Русија до крајот на годинава или почетокот на следната да ја натера Украина да ги прифати нејзините услови.


Што може да направи Западот?

Експертите за "DW" порачуваат дека Западот мора да биде поодлучен за да ѝ ја одземе иницијативата на Русија. На Конференцијата за обнова на Украина во Рим, Зеленски изјави дека Украина има решение – пресретнувачки дронови – но потребни се големи инвестиции во одбранбениот сектор.

Полковник Рајснер вели дека Украина веќе постигнува добри резултати во сопственото производство на дронови, но не може да опстане без западна поддршка – особено во напредни системи како ракетниот систем "Patriot".

Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно изјави дека Германија е подготвена да ги купи овие системи од САД за Украина. Доналд Трамп, пак, најави испорака на „многу софистицирано оружје“ кое ќе биде „100% платено“ од страна на НАТО.

Сепак, стравовите дека ваквото оружје може да падне во рацете на Русија го кочат Западот, смета Хајнеман-Грирдер. Западните одбранбени компании се плашат дека воено партнерство со Украина би ја нарушило нивната технолошка предност и би довело до намалување на цените. „Тоа размислување мора да се надмине“, заклучува тој.