На социјалните мрежи се појави видео кое прикажува како изгледа рибата пајак – најотровната риба во Јадранското Море. Снимката, која брзо стана вирална, е направена во плитките прибрежни води, каде што оваа риба најчесто се наоѓа.
Предупредувањето што го придружува видеото ги потсетува сите капачи да бидат особено внимателни при влегување во морето, особено на места со песочно дно.
„За жал, маж ми имаше близок контакт со неа пред неколку години и замалку не остана без прст. Тогаш не знаевме, но сега знаеме – нејзиниот отров е термолабилен. Ако ве убоде, задолжително ставете ја раната под што потопла вода“, напишала една корисничка на Инстаграм.
Стручњаците потсетуваат дека рибата пајак не е агресивна и не напаѓа луѓе, туку убодите се случуваат исклучиво поради невнимание, кога некој ќе нагази на неа.
Во екот на летната сезона, кога илјадници туристи секојдневно влегуваат во Јадранското Море, оваа снимка е важен потсетник дека природата, колку и да е убава, понекогаш знае да биде и опасна.