Американскиот технолошки гигант вреди повеќе од сите големи германски компании заедно

Точка

12/07/2025

19:00

1.593

Големина на фонт

а а а

Американскиот технолошки гигант „Нвидиа“ неодамна достигна пазарна вредност од повеќе од 4 трилиони долари, што ја прави повредна од сите компании кои котираат на германската берза заедно.

Минатиот вторник, пазарната капитализација на „Нивидиа“ надмина 4,02 трилиони долари. Тоа е историски рекорд: ниедна друга компанија досега не ја надминала таа граница.

Споредба со Германија

За колкава вредност се работи најдобро покажува споредбата со германска берза. Комбинираната пазарна вредност на сите компании кои котираат на германската берза, вклучувајќи ги и големите индустриски и технолошки играчи како што се Мерцедес, Сименс, САП, Дојче Телеком и Волфсваген, моментално е околу 2,97 трилиони долари, според податоците од „CompaniesMarketCap“. Со други зборови, Нвидиа сега вреди повеќе од 1 трилион долари повеќе од целиот германски берзански пазар.


Оваа споредба е особено интересна бидејќи Германија често се опишува како економски мотор на Европа и е четврта најголема економија во светот. Но, експлозивниот раст на Нвидиа се должи на огромната побарувачка за нејзините графички процесори, кои се клучни за развојот на вештачката интелигенција – особено таканаречените големи јазични модели што ги користат „OpenAI“, „Google“ и „Microsoft“.

Неверојатен раст

Од почетокот на 2024 година, цената на акциите на Нвидиа се зголеми за повеќе од 160 проценти. Компанијата ја дуплираше својата пазарна вредност за помалку од една година и повремено го заземаше првото место на листата на највредни компании во светот, пред Епл и Мајкрософт. Истовремено, има растечки предупредувања дека таков силен раст би можел да биде тешко одржлив.


Споредбите помеѓу вредностите на поединечните компании и националните економии имаат свои ограничувања, секако – пазарната капитализација не е иста како и бруто домашниот производ – но бројките јасно покажуваат колку стана доминантен технолошкиот сектор во глобалната економија, а особено индустријата за вештачка интелигенција.


Доминацијата на технолошките гиганти

Во моментов, шесте најголеми американски технолошки компании – Нвидиа, Епл, Мајкрософт, Алфабет (Гугл), Амазон и Мета – вредат повеќе од 17 трилиони долари заедно, што го надминува годишниот БДП на Кина.