Започнува крајот на интернетот каков што го познаваме: Стигнува прелистувач кој знае каде сте, што пишувате и што имате во календарот

Точка

10/07/2025

13:34

516

Големина на фонт

а а а

"Perplexity" го претстави "Comet" — целосно нов "AI" интернет-прелистувач кој би можел да му ги помати сметките на "Google Chrome", но и засекогаш да го смени начинот на кој го користиме интернетот. Ова не е само нов алат за пребарување, туку цел екосистем што знае што гледате, што читате, па дури и што планирате.

Во почетокот достапен само за корисниците на најскапиот пакет „Max“ од 200 долари месечно, "Comet" е најамбициозниот обид на компанијата да го заобиколи "Google Search" и да стане првата дестинација за пребарување информации. Наместо класични линкови, "Comet" нуди AI-текстови од резултатите, како и дигитален асистент што постојано ви стои на располагање.


AI-пребарувач што сака да биде оперативен систем

Во срцето на "Comet" се наоѓа "Comet Assistant" – дигитален помошник кој се појавува како странична лента додека сурфате, ја анализира содржината во реално време и одговара на прашања без да ја напуштите страницата. Може да сумира мејлови, да го прелистува календарот, управува со табови и да предлага рути до настани – сè во рамките на еден прозорец.

Но ваквото ниво на помош доаѓа со своја цена: мора да му овозможите целосен пристап до вашиот профил, вклучително и увид во екранот, мејловите, контактите и документите. За време на тестирањето, "Comet Assistant" се покажа корисен за основни задачи, но сè уште често греши при посложени – како што е резервација на паркинг со точни датуми и буџет.

Загрижува и тоа што "Comet" понекогаш „измислува“ одговори – внесува погрешни датуми или заклучува дека нешто е можно, иако не е. Ваквите грешки не се реткост ни кај други "AI"-агенти како "OpenAI Operator", но сè уште еден потсетник дека овие алатки не се подготвени за сериозни задачи без човечки надзор.


"Perplexity" го предизвикува "Chrome", но и "Apple", "OpenAI" и сите останати

"Comet" пристигнува во момент кога "AI"-прелистувачите стануваат нова линија на фронтот. "The Browser Company" веќе го лансираше својот "AI"-прелистувач наречен "Arc" (Dia), додека "OpenAI" наводно развива сопствен и регрутира поранешни членови од "Chrome" тимот.

Целта на "Perplexity" е јасна: да не зависи повеќе од платформите на "Google" за да допре до корисниците. Иако тоа не е лесно во свет каде што "Chrome" и "Safari" држат огромен дел од пазарот, "Comet" веќе има предност – неговата база на корисници брзо расте, со над 780 милиони пребарувања месечно и раст од над 20% секој месец.

Извршниот директор на компанијата, Аравинд Сренивас, тврди дека целта е "Comet" да стане „оперативен систем за интернетот“, каде што "Perplexity" ќе биде алатка по дифолт за секоја дигитална задача. Доколку успеат во тоа, вели тој, ќе ги задржат корисниците засекогаш.

Но, за да го постигнат тоа – прво мора да ги убедат луѓето да го напуштат "Google". А тоа е, без сомнение, најтешкиот дел.